Претседателот на Собранието, Африм Гаши во својот говор пред почетокот на интерпелацијата рече дека секој носител на државната функција треба да даде отчет за своите постапки.
-Секој носител на државна функција мора да се научи да одговара за своите постапки, но и секој од нас мора да биде подготвен да слуша, дискутира и изразува ставови. Демократијата е токму тоа – можност да се слушнат спротивставени мислења.
Затоа, како претседател на Собранието, им се заблагодарувам на пратениците кои го поднесоа ова прашање кое се однесува на мојата работа за овие три месеци. Само така ќе може да се разјаснат сите нејаснотии и загрижености, доколку ги има, бидејќи граѓаните на Северна Македонија заслужуваат да имаат точни и транспарентни одговори во секое време.
Затоа решив да не се изјаснувам писмено за интерпелацијата, туку директно да ви се обратам, овде, во оваа сала, пред пратениците, пред јавноста.
Собранието е местото каде што треба да има одговорност, а граѓаните се тие кои ја даваат конечната пресуда. Сакам да зборувам отворено и искрено за сите прашања, бидејќи јас сум човек кој ништо не крие и не крие од никого, туку сака отворен пристап кон сите прашања, рече Гаши во обраќањето.
Кога сум овде, додаде собранискиот спикер, сакам јавно да ги поставам прашањата: „Зошто оваа интерпелација? На кого му служи? За која цел?“.
-Сигурен сум дека одговорите на овие прашања ја даваат суштината на оваа интерпелација, поточно мотивите на оние кои стојат зад неа – нивната идеологија, политичка рамка и визија за нашата заедничка иднина.
-Ова не е интерпелација за Африм Гаши туку за верската припадност на претседателот на Собранието, ова не е интерпелација кон пречекување на овластувањата на претседателот во однос на безбедноста туку поради добрососедските односи и заложби за признавањето на Република Косово. Ова не е интерпелација за наводната повреда на Законот за јазиците, туку поради фобијата кон албанскиот јазик и етничката припадност на претседателот. Ова не е интерпелација за знамето на ЕУ и НАТО, туку кон нашата стратешка ориентација, вели меѓу другото Гаши.
Според најавите, пратениците на СДСМ ќе гласаат „за“, додека коалицијата „Твоја Македонија“ предводена од ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи отповикувањето на претседателот на Собранието. Од ДУИ, пак, денес најавија дека нема да гласаат за интерпелацијата на Гаши.
„Ќе дебатираме за интерпелацијата и ќе ги кажеме сите недоследности и забелешки за работењето на Гаши како претседател на Собранието, но од принципиелни причини нема да гласаме за негово разрешување“, изјави Блерим Беџети од ДУИ пред почетокот на денешната собраниска седница.