Директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов информираше дека големиот пожар кај Мариово избувнал пред неколку дена, но синоќа поради силниот ветер, дошло до негова ескалација. Линијата на огнот е подолга од 20 километри.
Поради високиот чад, не било безбедно летањето на еден хеликоптер и еден ер-трактор на ДЗС, по што биле повлечени.
Пожарот се движи во насока на неколку села. Од тие причини, Кризниот штаб договорил повеќе мерки, при што е одлучено од утринава, во гаснењето да се вклучат 70 припадници на АРМ, 25 припадници на Специјалната полиција, 40 вработени во Македонски шуми и повеќе од 60 пожарникари од цела Македонија. Во моментов нема потреба од доброволци.
-Локалните мештани кои што живеат треба да помогнат бидејќи го знаат местото, но ако има потреба…Засега нема потреба од ангажман на обични граѓани. Гасењето на ваков пожар воопшто не е едноставно, рече синоќа Ангелов од општина Прилеп.
Според него, нема опасност од пожарот по околните верски објекти. Засега нема информации за причините за пожарот.
-Се зборува дека е од гром, но МВР работи на откривање на реалните причини, додаде директорот на ЦУК.