Во наредните неколку денови ќе изнесеме сознанија во јавноста за бизнис поврзаноста на Заеви и Филипче, ќе расветлиме дали Венко Филипче е претседател на СДС за да може полесно да управува со мрежата фирми од Бугарија преку Петрич и Струмица до Скопје, како семејствата на Заеви и Филипче влегувале во милионски бизниси додека тие биле на функција и како се поврзуваат со фирми со сомнителни дејности. Напоменуваме дека сите овие сознанија веќе беа изнесени во јавноста од ИРЛ, но Венко Филипче и СДС избегнаа секакви одговори, изјави на прес-конференција Марија Митева, портпарол, пратеник и член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ.
Се започнува од тоа што Венко Филипче избегна да одговори на наводите дека во анкетниот лист доставен до Антикорупциската комисија ја сокрил фирмата за недвижности од Бугарија која ја пронајдоа истражувачките новинари. Од овде се одмотува клопче тешко милиони евра.
Митева потенцира дека претседателот на СДСМ не сподели со јавноста дека по завршување на министерувањето одлучил да влезе во приватен бизнис со недвижности, а со таа намена во ноември 2022 ја регистрирал компанијата ПАУЪР АЙ8 (POWER i8 Ltd) во соседна Бугарија.
-Со адреса на улица „Гоце Делчев“ број 12 во Петрич, на 18 ноември 2022 година ја формирал фирмата, а првата запишана дејност на фирмата во која Филипче е единствен сопственик и управител е купување, изградба и продажба на недвижнини, но потоа се наведени уште неколку други дејности во кои може да работи компанијата.
По парламентарните избори на 8-ми мај 2024, на кои Венко Филипче стана пратеник на СДС доби обврска да го пријави својот имот во ДКСК, недвижен и движен имот, сопствеништво и секаков друг имот. Филипче, до последниот рок за поднесување анкетен лист не ја пријавил фирмата во Бугарија.
Зошто велиме дека Филипче е клучен во бизнисите на Заеви и дека со таа цел е на чело на СДС? – Имено на истата адреса со фирмста на Филипче се водат повеќе компании во сопственост на братот и братучедите на поранешниот премиер – Вице, Трајче и Бобан Заеви. Поточно кажано Филипче се вселил кај Заеви.
Зошто Венко Филипче не ја пријавил фирмата во Бугарија во својот анкетен лист? Што сака да сокрие Венко Филипче и крие ли извесна адреса која се поврзува со други фирми? Дали Филипче е дел од шема на фирми кои правеле милиони? На овие и многу други прашања ќе дадеме одговори на следните пресконференции, рече Митева во обраќањето од седиштето на нејзината партија.