По прилично долг период на промоција, Cupra официјално го претстави новиот Terramar. Станува збор за SUV од C сегментот, шпански брат на Volkswagen Tiguan, именуван по патеката Autodrom de Sitges-Terramar, родното место на брендот Cupra.
Новиот Terramar има должина од 4.519 милиметри, ширина од 1.863 милиметри, висина од 1.584 милиметри и меѓуоскино растојание од 2.681 милиметри.
Естетски, теренецот го следи најновиот дизајнерски јазик на марката, истакнувајќи бројни спортски варијации. На предната страна се истакнуваат преголемите отвори за воздух, како и светлосниот потпис со три триаголни Matrix LED Ultra модули.
Бандажите може да бидат со големина од 18 до 20 инчи. ЛЕД фаровите, споени со црвена лента која исто така го интегрира осветлениот амблем на брендот, го комплетираат пакетот.
Надворешната палета на бои вклучува девет нијанси: Century Bronze Mat, Enceladus Grey Mat, Dark Void, Fjord Blue, Glacial White, Cosmos Blue, Timanfaya Grey, Midnight Black и Graphene Grey.
Општиот изглед на кабината е преземен од Tiguan, но Cupra остави свој белег, особено во однос на квалитетот на материјалот. Секако, видливи се и некои елементи специфични за брендот кои му даваат на новиот Terramar поспортски изглед.
Дигиталната инструмент табла има екран од 10,25 инчи, а екранот на мултимедијалниот систем е со големина од 12,9 инчи. Достапен е и head-up дисплеј, како и премиум аудио систем со 12 звучници од Sennheiser. Спортските седишта се стандардни и доаѓаат во рециклиран материјал или комбинација од рециклирана ткаенина и кожа.
Влезната варијанта е придвижувана од 1,5-литарски eTSI благ хибриден систем, кој развива 150 коњски сили, чиј „момент“ се пренесува на предната оска преку 7-степен DSG менувач. На купувачите ќе им биде понуден избор на посилна 2.0-литарска TSI единица во две варијанти, со 204 КС и 265 КС. Овие турбо-бензински мотори доаѓаат во „друштвото“ на погонот на четири тркала.
Потоа следуваат две plug-in хибридни верзии, послаба со 204 КС и помоќна со 272 КС. Склопот се состои од 1,5 литарски TSI единица, електричен мотор и батерија од 19,7 kWh. Чисто електричниот досег, според техничката спецификација, надминува 100 километри.
Батеријата може да се полни на брз DC полнач со моќност до 50 kW. Спортската суспензија е стандардна со намалено растојание од подлогата за 10 милиметри во споредба со механички идентичните модели како што е Tiguan. Во понудата е и системот Dynamic Chassis Control, но и системот за сопирање Akebono кој е на листата на опции.
Новиот Cupra Terramar е дизајниран и развиен во Барселона, но ќе се произведува во фабриката на Audi во Ѓер, Унгарија. Првите примероци ќе пристигнат на пазарот на почетокот на 2025 година.