Американското Федерално истражно биро (ФБИ) соопшти дека напаѓачот кој уби двајца ученици и двајца наставници во вчерашното пукање во средно училиште во американската сојузна држава Џорџија, бил испрашуван од полицијата минатата година за анонимни онлајн закани, по нивно предупредување.
Колт Греј (14) во мај 2023 година ѝ негирал на полицијата дека стои зад објавите на Интернет кои содржеле слики од оружје, предупредувајќи за пукање во училиштата.
Осомничениот Греј вчера отвори оган во средата во средното училиште Апалачи во градот Виндер, убивајќи двајца наставници и двајца ученици, соопштија истражителите, пренесе Би-Би-Си.
Во соопштението, ФБИ истакна дека Националниот центар за операции за закани ги предупредил локалните органи за спроведување на законот во мај 2023 година, откако добил анонимни дојави за „онлајн закани за пукање во училиште на неидентификувана локација и време“.
Агенцијата објави дека во рок од 24 часа истражителите утврдиле дека заканите потекнуваат од Џорџија.
-Замениците на шерифот го испрашувале Греј и неговиот татко, кои „изјавиле дека имале ловечко оружје во домот, но субјектот немал пристап до нив без надзор, соопшти ФБИ.
Осомничениот, кој тогаш имал 13 години, негирал дека ги упатувал заканите преку Интернет, а официјалните лица „ги алармирале локалните училишта да продолжат да го следат момчето“.
„Во тоа време, немаше причина да се изврши апсење или преземање на какви било дополнителни локални, државни или федерални дејствија за спроведување на законот“, се вели во соопштението на ФБИ.
Во нападот во средата загинаа наставниците Кристина Ирми и Ричард Еспинвол, како и 14-годишните ученици Мејсон Шермерхорн и Кристијан Ангуло, а беа повредени и осум ученици и еден наставник.
Греј бил уапсен во училиштето откако се предал и ќе му се суди како на возрасен. Канцеларијата на локалниот шериф соопшти дека засега нема познат мотив или конкретна причина за нападот.