И Ѓорчев доби јавна функција, ќе биде национален координатор во Владата

од Nikola Popovski
65 прегледи

Поранешниот пратеник и долгогодишен член на ВМРО-ДПМНЕ, Влатко Ѓорчев ќе биде нов национален координатор за демографија и млади. Ова било одлучено на една од последните владини седници, кога била донесена одлука да се отворат три нови позиции за национален координатор.

Во 2021 година, Ѓорчев реши да работи во реалниот сектор, отворајќи сопствена фирма. Преку објава на Инстаграм, тој кажа дека неговата фирма ќе биде во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите.

„Здраво на сите. Решив да работам во реалниот сектор. Приватно, во своја фирма, во областа на маркетингот, советувањето, трговијата и услугите. Во Македонија секогаш има пофалби и критики. Ако имав државна работа – ќе имаше критики. Ако одиш приватно – повторно критики и неколку честитки. Ако успееш – пак критики. Ако не успееш, тогаш критики и сеир. Животот оди понатаму“, напиша тогаш Ѓорчев на социјалната мрежа.

Покрај него, нов национален координатор е и Лилјана Затуроска, која е именувана за локална самоуправа. Таа беше пратеничка од ВМРО-ДПМНЕ во неколку парламентарни состави до 2020 година. Додека претседател на партијата беше Никола Груевски, Затуроска беше и претседателка на Унијата на жени.

И нејзината сопартијка Верче Мицевска е именувана за национален координатор на истата владина седница. Таа работи во Агенцијата за храна и ветеринарство, а ќе ги координира работите поврзани со безбедност на храна, ветеринарна и фитосанитарна политика.

Владата претходно го назначи и Павле Трајанов за национален координатор за спречување на насилен екстремизам и борба против тероризмот, Блерант Рамадани за национален координатор за примена на нови технологии и Солза Грчева за национален координатор за реформи во високото образование.

Слични содржини