Србија да се воздржи од интензивирање на односите со Русија, велат од ЕУ и жалат што Вулин често е во Москва

од Nikola Popovski
60 прегледи

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано денеска изјави дека ЕУ очекува Србија да се воздржи од интензивирање на односите со Русија и да се усогласи со политичките одлуки на ЕУ. Зборувајќи за постапките на Приштина, Стано им порачува на косовските власти да избегнуваат какви било активности кои не се координирани со партнерите и да не придонесуваат за криза и ескалација на ситуацијата.

На прашањето за едностраните постапки на властите во Приштина, Стано вели дека ЕУ е во постојан контакт со претставниците на косовските власти и дека тие секојдневно им ги кажуваат своите ставови и очекувања.

„Нема да го повторам она што го кажавме во реакцијата минатата недела кога беше спроведена акција на северот на Косово против српските институции, но ситуацијата е веќе доста нестабилна и тоа е она што најмногу не загрижува“, рекол Стано.

Тој посочува дека главната порака до косовските власти е да избегнуваат какви било унилатерални акции кои не се координирани со партнерите и да не придонесуваат за криза, тензии или можеби ескалација на ситуацијата.

Таа порака, како што вели, секојдневно им се пренесува на косовските власти.

„Се надевам дека ќе успееме да најдеме решение за таа ситуација и тоа во местото каде што припаѓа, а тоа е дијалог под посредство на ЕУ“, посочил Стано.

На прашањето дали средбата меѓу српскиот вицепремиер Александар Вулин и рускиот претседател Владимир Путин ќе влијае на преговарачкиот процес на Србија со ЕУ, Стано рече дека чекор по чекор се исполнуваат критериумите за членство.

Меѓутоа, како што додаде, ако стратешка цел на Србија е членство во ЕУ, како што јасно велат српските власти, тогаш до афирмација на пристапниот процес не може да дојде преку одржување на врските со Русија.

„Русија е земја која под водство на Путин го крши меѓународното право. Србија треба да се воздржи од интензивирање на врските и контактите со Русија“, навел Стано.

ЕУ очекува Србија доброволно да се воздржи од интензивирање на односите со Русија и дека сите членови на српската влада ја почитуваат посветеноста на Србија на процесот на пристапување во ЕУ, вклучително и усогласување со политичките одлуки и активности.

„Одржувањето, па дури и зајакнувањето на врските со Русија, во време на нелегална агресија врз украинскиот народ, не е компатибилно со вредностите на ЕУ и не е компатибилно со преговарачкиот процес“, рекол портпаролот на ЕУ.

Тој додава дека Европската унија сака да смета на сите земји кандидати како доверливи европски партнери кои споделуваат заеднички принципи, вредности, безбедност и напредок.

Кога станува збор за министерот Вулин, Стано смета дека тој често е во Москва.

„Тоа е против државната цел на Србија да влезе во ЕУ“, констатирал тој.

Слични содржини