Николовски го обвини Трипуновски дека „прави театар“: Мојот министерски мандат е познат како еден од најтранспарентните

од Nikola Popovski
55 прегледи

Поранешниот министер за земјоделство, Љупчо Николовски го упати сегашниот Цветан Трипуновски прво да се запознае со постапките и надлежностите на органите во неговиот состав, пред да го обвинува, во обид, како што вели, да направи театар пред јавноста и да ја прикрие безидејноста и неспособноста на владата од која е дел.

Николовски ги повикува и надлежните институции да постапат согласно сите искажани точки од денешната прес-конференција.

-Мојот министерски мандат е познат како еден од најтранспарентните, што се потврдува со фактот дека под моето раководство МЗШВ беше прогласена за најтранспарентна институција и една од институциите со највисок интегритет. Јас како министер ги имам дадено сите потребни задолженија на службите да работат согласно законите.

Во МЗШВ има повеќе од 11.000 договори за закуп на земјиште, и никој министер не може да знае што се случува со секој поединечен договор, па затоа постојат организациони единици задолжени за управување со тие договори. Доколку се утврди дека одреден субјект неправилно се стекнал со субвенции ги повикувам институциите да започнат постапка за поврат на исплатените средства и да покренат постапка пред надлежните органи како и доколку МЗШВ има утврдено недоследности во почитување на договорни обврски за земјиште, тоа е основ за раскинување на истите и очекувам завршница во тој правец, објави Николовски како дел од реакцијата кон денешните обвинувања од страна на неговиот наследник во МЗШВ.

Трипуновски денеска напомена дека одредени правни лица надвор од сите прописи земале државни пари. Само во двата случаја кои ги презентира денеска министерот приватните фирми заработиле 785.000 евра.

-Во првиот случај се работи за 485 милиони евра, а во вториот случај за околу 309.000 евра. Првиот субјект е „Ар експорт ДООЕЛ увоз-извоз“ од Струмица, кој имал склучено 19 договори за закуп на земјиште со вкупна површина од 1.416 хектари со Министерството за земјоделство. Од тие 19 договори не се почитувале 11 и требало да се раскинат, но не биле раскинати, па субјектот добил 30 милиони денари (485 милиони евра) за субвенции. Закупецот, според договорите, требало да подготви инвестициски план и да инвестира, но податоците говорат дека тој инвестирал само 300.000 евра. Интересно е што субјектот не ги плаќал ниту закупнините и должи 60 милиони евра, рече Трипуновски.

Трипуновски повика Јавното обвинителство да спроведе истрага за овие случаи, посочувајќи на цврсти докази за можен криминал и системски пропусти во управувањето со државните средства. Тој истакна дека институциите мора да работат во интерес на граѓаните и најави дека ќе поднесе пријави до Јавното обвинителство, Министерството за внатрешни работи и Финансиската полиција за понатамошна истрага и расчистување на случаите.

Слични содржини