За патувањето на претседателот на Собранието, Африм Гаши во Косово и случајот со свадбата, од СДСМ обвинуваат дека се работи за класична местенка за да се заштити функционер на власта. Според партијата на Венко Филипче, „срамно и нечовечно е вината за скандалите на границата и пропуштањето на сватовите на Гаши ДПМНЕ и Тошковски им ја калемат на полицајците кои работат на граничниот премин“.
СДСМ посочува дека „се казнуваат невини и чесни луѓе, наместо одговорност да се побара од началникот Наум Рамука“.
-Ова е брука и срамота. Се покажа дека Мицкоски едно зборува јавно а сосема друго прави. Додека беседи за одговорност се местат невини луѓе а Тошкоски спроведува полициско-партиска заштита за нивниот омилен началник Рамука. Ова е уште една причина Обвинителството да постапи за овој случај. Надлежното обивнителство треба да ја спречи оваа неправда и вистинските виновници да понесат одговорност“, тврдат од „Бихаќка“.
МВР ќе поведе дисциплинска комисија против шест полицајци поради патувањето на спикерот Гаши на свадба во Косово, односно начинот на кој биле пропуштени возила на граничниот премин Блаце. Од МВР велат дека поведувањето постапка за утврдување дисциплинска одговорност против полицајците Н.Р., М.С., А.Б., Б.А, Н.Б. и Б.С. е по извршениот увид во службените материјали, по анализата на видеонадзорот и од разговорите со полициските службеници.
Претседателот на Собранието се најде во фокусот на јавноста откако на социјалните мрежи се појави видео од колона автомобили, меѓу кои и службеното возило на претседателот на парламентот, кој, според тврдењата, како сват заминал по невеста во Косово.