Мекларен ќе го поддржи Норис во борбата за титулата со Верстапен, Пјастри ќе ја „препушти“ победата ако е потребно

од Vladimir Zorba
26 прегледи

Мекларен треба да користи наредби во боксот за да им даде приоритет на трката за титулата кај возачите и да го направи Ландо Норис возач број 1 во тимот. Мекларен заостанува само 8 поени зад Ред Бул во трката за титулата кај конструкторите, а Норис е 62 зад Макс Верстапен, со максимални 232 поени што еден возач може да ги освои до крајот на сезоната и со оглед на перформансите на двата тима, Ландо има реална шанса да го симне од тронот Макс.

На трката за Големата награда на Италија во Монца, Оскар Пјастри го престигна Ландо Норис во првиот круг и Британецот не го искористи максимумот од тешкиот ден на Верстапен, кој беше само шести. Мекларен објасни дека за односот меѓу нивните возачи и нивниот статус ќе се разговара по трката во Италија, а за Азербејџан очигледно веќе има резултат.

„Ќе обезбедиме поголема поддршка за Ландо, но сакаме да го направиме тоа без да направиме големи компромиси со нашите принципи“, изјави тимскиот шеф Андреа Стела за Би-Би-Си.

„А нашите принципи велат дека интересите на тимот се секогаш најважни. Сакаме да бидеме искрени со двајцата наши возачи. Не сакаме да се повтори ситуацијата од „Монца“ каде нашите возачи први и втори влегоа во шиканата и од неа излегоа на првото и третото место, бидејќи тоа им штети на интересите на тимот. Интересите на тимот се најважни и мораме да ги разјасниме токму овие ситуации, бидејќи пред „Монца“ не го правевме тоа. Разговорите со Оскар на оваа тема беа многу успешни. Го прашав дали е подготвен да му ја препушти победата на својот тимски колега и тој ми рече дека тоа ќе биде болно за него, но ако тоа е вистинската одлука, ќе го направи тоа. Секој возач сака да се бори за победа, но јас сум импресиониран од тимскиот дух и зрелоста на нашите возачи“.

Извршниот директор на Мекларен, Зак Браун фрли дополнително светло на ова прашање кога зборуваше за подкастот на поранешниот возач на НАСКАР, Дејл Ернхард Џуниор.

-Ландо заостанува над 60 поени зад Макс, така што нема да биде лесно, но ќе фрлиме се што имаме во оваа борба. Оскар ќе направи се што може за да му помогне на Норис. Среќен сум што имам двајца возачи кои се број 1, но сега Ландо е во позиција да се бори за титулата. Ќе работиме како тим за да видиме што можеме да направиме за да му помогнеме на Ландо и да одлучиме трка по трка. Ако по два старта Ландо повеќе нема шанси за титулата, Оскар ќе си го врати статусот за да се бори за победи“.

Слични содржини