Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ – ОА) во четвртокот ја поддржа Украинската православна црква, која во август беше забранета во Украина поради обвинувањата за врски со Русија.
Македонската православна црква соопшти дека на редовната седница на Синодот се разговарало за прашањето за Украинската православна црква.
„Синодот посвети особена грижа за состојбата со сестринската Украинска Православна Црква, која беше административно укината од Украинскиот парламент, со Предлог-законот 8371, и со тоа на милиони верници, кои се црквуваат во таа Црква, им е оневозможено основното право на верска припадност, исповедање на својата вера и вршење на богослужби. Светиот синод на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, сведочејќи ја евангелската вистина, искажува молитвена поддршка на Претстојателот на Украинската Православна Црква, Неговото Блаженство Митрополит Киевски и на цела Украина г. Онуфриј, на браќата архијереи и на нејзиниот верен народ, молејќи се семилостивиот Господ да им даде сила да истраат и да ги надминат овие искушенија. Истовремено, Светиот синод се моли за единство на сите Помесни Православни Цркви, кои го сочинуваат Телото Христово“, стои во соопштението од Синодот на МПЦ-ОА.
Украина се обидува да се дистанцира од Руската црква од 2014 година, иако тие напори се интензивираа по почетокот на руската инвазија на Украина во 2022 година.
Во Украина е призната Православната црква на Украина, чија автокефалност беше признаена од Вселенската патријаршија во 2019 година, која формално ја одвои од Руската православна црква.
Украинската православна црква официјално се одвои од Московската патријаршија во 2022 година, но украинските власти постојано ги обвинуваат нејзините свештеници дека и понатаму ѝ се лојални на Русија.