Д-р Даниловски: Како еден родител да одлучи да го вакцинира своето дете кога има „вакцинален скептицизам“ кај огромното мнозинство доктори?

од Nikola Popovski
74 прегледи

Професорот и епидемилог Драган Даниловски смета дека не може да не се констатира дека од јавно-здравствен аспект, седиме на „буре барут“ во услови кога, како што вели, „варира пертусисот ендемски, кога ковидот дојде за да остане и кога пред нас е сезоната на грипот“. Според него, истото важи и кога, истовремено, опфатот со задолжителни вакцинации на децата и други ризични популации останува опасно низок (со тенденција на опаѓање), затоа што расположението на населението кон вакцините е на најниско можно ниво – и сѐ повеќе се влошува.

Во објава на социјалните мрежи, Д-р Даниловски истакнува и дека превентивната здравствена заштита на децата е во хаотична состојба.

-Негативното расположение и недовербата кон вакцините е на многу ниско ниво и (дури) покажува тенденција на влошување, особено по пандемијата. Заради тоа, опфатот со задолжителни вакцинации постојано се намалува, што доведува до потенцијални ризици за епидемиско ширење на одделни болести.

Оттаму, се поставува прашање, зошто за решавање на проблемот не му пристапиме проактивно, со сопствени сили, наместо пасивно, потпирајќи се на стручната и финансиската помош на УНИЦЕФ, СЗО и УСАИД? Зошто проактивниот пристап е поквалитетно решение? Затоа што, проектите на спомнатите меѓународни агенции никогаш нема да бидат во состојба целосно да ги идентификуваат сите релевантни фактори асоцирани со лошата состојба.

А меѓу нив, најрелевантниот е „вакциналниот скептицизам“ на огромното мнозинство доктори (матичните, пред сѐ)! А кои, нели, имаат мисија здравствено да ги едуцираат граѓаните.

Како еден родител да одлучи да го вакцинира своето дете, ако се соочи со совет „во четири очи“ на својот доктор, на пример, за морбилите, дека е „подобро да почека додека детето да проговори“? Нема проект на УНИЦЕФ или СЗО што тогаш би можел да го смени ставот на родителот!

Значи, токму главните „играчи“ за спроведување на мерките, всушност, вршат „тивка саботажа“, се вели меѓу другото во објавата на Даниловски.

Слични содржини