Изградба и реконструкција на спортски сали дел од владините проекти за 2024

од Илинка Илиоска
63 прегледи

Владата на денешната седница усвои информација за реализација на проекти од програмата за изградба и реконструкција на спортски објекти за 2024 година од страна на Министерството за спорт. Меѓу нив е изградбата на спортска сала во Воена академија – Скопје, санација на спортска сала Расадник во Општина Кисела Вода, како и на спортската сала во УКИМ.

Во однос на проектот „Изградба на спортска сала во Воена академија – Скопје“, од Владата соопштија дека спортската сала ќе се гради во комплексот на касарната во општина Аеродром. Истата ќе биде наменета за питомците на Воената Академија. Реализацијата ќе се одвива во 2024 и 2025 година.

Во врска со проектот „Санација на спортска сала Расадник, Општина Кисела Вода“, реконструкцијата ќе се изврши во соработка со општина Кисела Вода. Од страна на Општината е подготвен Проект за реконструкција на мултифункционалната спортската сала Расадник со капацитет од 1000 до 1500 гледачи.

Проектот „Санација на спортска сала во УКИМ“ е исто така дел од оваа програма. Како што соопштија од Владата, салата е оштетена од причина што по завршување на градежните активности истата не беше приклучена на водоводната и канализационата мрежа, што претставуваше обврска на Универзитетот. Потребни се низа на санации, како поправање на фасада, менување на прозори, машинство обезбедување на опрема и сл.

Како што соопштија од Владата, ќе се реализира и проектот „Санација на спортска сала во Општина Радовиш“.

-СРЦ „25 Мај“ Радовиш располага со вкупна површина од 3.968 м². Самиот комплекс располага со голема сала со површина од 1.126 м² и капацитет од фиксни трибини од 1300 гледачи, но со помош на подвижни седишта гледачкиот капацитет се движи од 1300 до 2600 во услови на боксерски и слични натпревари и мала сала со површина од 400.80 м² со капацитет од 160 гледачи, се вели во владиното соопштение.

Останатите проекти се „Санација на спортска сала во Општина Ново Село“, „Санација на фудбалско игралиште на ФК Тетекс, Тетово“, „Санација на маалски мултинаменски игралишта“, „Санација на детски игралишта со поставување на спортска опрема во градинките“, „Поставување на пристапни рампи во објектите за спорт за лица со попреченост“, „Изградба на атлетска патека во Општина Гевгелија“.

Од Владата информираат дека Министерство за спорт ќе спроведе постапки за јавни набавки со цел избор на најповолен понудувач/изведувач и надзорен орган при реализација на проектите.

Оваа година, како што посочуваат, средства во висина од 35.039.500,00 денари ќе бидат наменети за инвестиции за овие објекти.

Слични содржини