Пензионер од кочанско почина од Западно-нилска треска на Инфективна

од Nikola Popovski
74 прегледи

Повозрасен жител на Општината Чешиново–Облешево починал на Клиниката за инфективни болести поради компликации од вирусот на Западно-нилска треска, соопштија од Институтот за јавно здравје.

Од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни болести беше информиран за случај со Западно-нилска треска преку добиена Пријава за изолиран/докажан причинител доставена на ден 12.09.2024 година.

Одделот за епидемиологија на заразни болести веднаш го информира надлежниот епидемиолог во ЦЈЗ Кочани. Регистрираниот случај е 78-годишно машко лице од општина Чешиново-Облешево, Кочани.

Првичните симптоми кај пациентот започнале на 09.09.2024 со намален апетит, малаксаност и покачена температура до 39°C. Поради појава на вознемиреност, агресивност, афазија и губиток на свест, пациентот на 10.09.2024 година со возило од ИМП Кочани е пратен во КБ Штип каде биле спроведени дијагностички невролошки процедури. Поради тешката состојба на пациентот и дијагностициран енцефалитис, во текот на истиот ден е упатен за УК за инфективни болести и фебрилни состојби Скопје (КИБФС). Земени се примероци за микробиолошки анализи на повеќе причинители.

Со серолошко испитување е добиен податок за присуство на антитела кон причинителот – WNV од вирусолошката лабораторија при ИЈЗ во серум и ликвор, односно потврдено е заболувањето Западно-нилска треска.

Поради влошената состојба на пациентот и покрај поставување на кислородна маска и дадена терапија за стабилизирање на состојбата, пациентот егзитирал на 16.09.2024 за време на хоспитализација при КИБФС.

Податоците при епидемиолошкото истражување од епидемиолог од ЦЈЗ Кочани се добиени од децата на пациентот и од медицинската документација од КБ Штип и инфектолози од КИБФС.

-Пациентот е пензионер, се занимава со земјоделство, татко на 2 деца, вдовец, кој живее во куќа во с. Облешево, Кочани. Според хетероанамнезата пациентот не патувал надвор од државата, како и надвор од местото на живеење (низ РСМ) во периодот на инкубација. Нема други лица од семејството со слични симптоми.

Во регионот на Кочани е забележано присуство на комарци. Согласно информацијата од надлежниот епидемиолог, во регионот на општина Кочани се спроведени активности за ларвицидна и адултицидна терестичка дезинсекција, додека во општина Чешиново-Облешево планирана е тендерска постапка, но досега не се спроведени активности за дезинсекција, наведуваат од ИЈЗ.

Слични содржини