Муртезани ја нагласи подготвеноста на С.Македонија за продлабочување на соработката со Унгарија

од Nikola Popovski
10 прегледи

На покана на министерот за ЕУ прашања на Унгарија, министерот за европски прашања на Северна Македонија, Орхан Муртезани, денеска во Будимпешта оствари средба со својот унгарски колега, Јанош Бока. Средбата беше фокусирана на унапредување на процесот на пристапување на Северна Македонија во Европската Унија, кој е еден од клучните приоритети на Унгарија во рамките на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија. Министерот Муртезани изрази благодарност за континуираната и гласна поддршка од страна на Унгарија кон земјите од Западен Балкан, особено во контекст на политиката на проширување на ЕУ.

Во фокусот на разговорите беа потребата од продолжувањето на пристапните преговори, како и неодамна усвоениот План за раст на Европската комисија за Западен Балкан и Инструментот за реформи и раст. Соговорниците констатираа дека спроведувањето на Реформската агенда е од суштинска важност за напредокот на Северна Македонија во процесот на евроинтеграција и нејзин забрзан економски раст. На состанокот се разговараше и за можностите за унапредување на билатералната соработка преку заеднички проекти во области од заемен интерес . Министерот Муртезани ја нагласи подготвеноста на Северна Македонија за продлабочување на соработката со Унгарија преку ЕУ инструментите на располагање, кои се клучни за градење на институционалните капацитети и усогласување со стандардите на ЕУ, со цел да се забрза процесот на пристапување.

Регионалната соработка исто така беше дел од разговорите, при што беше нагласена заедничката посветеност кон продлабочување на соработката со соседните земји и активно учество во регионалните иницијативи. Муртезани ја подвлече поддршката на Северна Македонија за Берлинскиот процес и имплементацијата на Акцискиот план за Заедничкиот регионален пазар, нагласувајќи дека регионалната соработка мора да биде во целосна усогласеност со европските стандарди и правила, за да се обезбеди успешна интеграција на земјите од регионот во Унијата според идентични критериуми и стабдарди.

На средбата во Будимпешта, министрите за европски прашања на Северна Македонија и Унгарија ја изразија својата посветеност за продолжување на оваа до сега исклучително продуктивна соработка. Тие се согласија дека за време на претседавањето на Унгарија со Советот на ЕУ, ќе се вложат дополнителни напори за забрзување на процесот на пристапување на Северна Македонија и зајакнување на регионалните иницијативи кои ќе придонесат за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан.

Слични содржини