Премиерот: Нема пари за Штипската клиничка болница, ги украле

од Nikola Popovski
78 прегледи

Работиме на модел за Штипската клиничка болница кој што е во фаза на развој и очекувам до декември се ќе биде завршено, а од почетокот на следната година ќе почнеме со градење, изјави денеска од Штип премиерот Христијан Мицкоски, одговарајќи на новинарски прашања.

Премиерот сепак нагласи дека „пари нема“ и прстот го впери во претходната влада.

-Парите ги украле или ги потрошиле за нешто што не требало. За жал, наследивме таква состојба, но, тоа е што е. Не гласаа граѓаните за да немаме оправдување туку да ја оправиме работата. Нашиот пристап е да обезбедиме и финасирање, допроектирање, доопремување, изградба и пренос на објектот. Тоа во моментот Законот за јавни набавки не го дозволува. Ако е потребно, ќе одиме чекор напред и ќе направиме мали нивелирања на законот, само за да одглавиме многу проекти кои се почнати. Се трудиме да најдеме начин за сето тоа да го раздвижиме и ќе успееме, кажа Мицкоски.

И оваа година нема да се продолжи со доизградбата на Клиничката болница во Штип и Општата болница во Кичево. Тендерите сè уште не се распишани, но министерот за здравство изјави дека се работи на случајот.

Просторните услови во штипската болница не се единствениот проблем, со години болницата работи со недостиг на медицински кадар.

Недостигот од лекари ќе се ублажи со ангажирање на приватните специјализанти. За работа во болницата во Штип аплицирале триесеттина специјализанти од Штип и источниот регион. На државно ниво 480 специјализанти доставиле апликации за до Министерството за здравство, за вработување во државните болници.

Слични содржини