Космонаутко започнува со нови предизвици: Прошетки низ Скопје и околината за поддршка на инклузијата

од Илинка Илиоска
122 прегледи

Денис Јанкуловски, познат како Космонаутко, стана симбол на неуморната посветеност за време на ковид пандемијата. Тој секојдневно од утро до мрак, облечен во својот бел скафандер, посети стотици домови каде требаше да направи ковид тестови. Подоцна пред вакциналните пунктови се редеа редици кој да ја прими првата вакцина од него. Во текот на тие напорни денови, освен што беше посветен на здравјето на луѓето, секогаш се трудеше да внесе ведрина и позитивна енергија со песна, што го направи посебен и незаборавен за многумина. Неговата појава, заедно со песните што ги пееше, станаа симбол на надеж и хуманост во најтешките моменти.

Но, Јанкуловски не застанува тука. Неговиот најнов предизвик е фокусиран на нова мисија. Тој денес објави несекојдневен повик за поддршка на лицата со атипичен развој. Со својата уникатна енергија, тој повторно одлучи да се посвети на инклузијата и поддршка на овие лица, обидувајќи се да ја подигне свесноста за нивните потреби и предизвици со кои се соочуваат.

Неговата нова активност е редовно пешачење низ Скопје и околината. Но, тоа не е само обична прошетка. Јанкуловски ја претвори оваа активност во повик за општествено дружење, каде што секој може да се приклучи и да учествува во заедничка иницијатива. Неговата идеја е да ги обедини луѓето, да создаде платформа за заедничко време и размена на позитивни искуства, како и да се изрази поддршка за лицата со атипичен развој.

Во својот јавен апел, кој го сподели преку социјалните мрежи, Јанкуловски повика сите заинтересирани да му се придружат на следните прошетки со цел да се прошири пораката за важноста на инклузијата

„Сакаш да дадеш поддршка за различностите?
Ти недостасува дружбата со пријателите и другарите?
Ти недостасува рекреација?
05.10 е датумот на кој можеш овие работи да ги комбинираш и оствариш.
Каде – во градски парк Скопје, прошетка од споменикот на Гоце Делчев низ парк до хотел Александар Палас
Кое време – од 11 до 13ч, збирно место 11ч кај споменикот на Гоце Делчев кај фонтаната
Зошто – 1. за да дадеме поддршка на нашите атипични другарчиња и нивните семејства, уште еднаш да покажеме дека ние сме тука за нив
2. за да се видиме и помуабетиме во една опуштена и релаксирана атмосфера, да прашаме, да се запознаеме, да дознаеме како ние може да придонесеме.
3. за да се релаксираме од глупостите и мачнотии со кои сме бомбардирани
Кој е поканет – сите, тоа значи атипични, типични, мали и големи, вораст од 1 месец па се’ до сите месеци, со куче или точак, тивки или гласни, вакви, такви, онакви, инакви. Секакви, различни но и многу слични. А сите насмеани ❤️ значи буквално секој кој сака да се дружи, да си помине убави дружбени саати и да покаже дека прифаќа и почитува.
Што треба да донесете – насмевки, прегратки, расположение и многу многу љубов
Битно – Пешачиме онаму каде можат сите да се движат.
Идејата е вакви дружби да правиме секогаш кога ќе ни дозволат временските услови, да стане еден вид традиција. Неформални, опуштени, разговорни, другарски. Оваа дружба на 05.10 ја правиме во сабота заради други фактори, но начелно „Пешачиме за поддршка“ ќе биде во недела, независно дали е секоја недела, еднаш или двапати месечно.
Ве чекаме на прошетка муабет.
Гуш и бац од Космонаутко“, гласи неговата покана.

И.И.

Слични содржини