Голем успех за Македонија: Сребрен медал за Лазов на Шаховската олимпијада

од Nikola Popovski
181 прегледи

Одличен успех за Тони Лазов и за македонскиот шах, соопштија од Шаховската федерација на Македонија.

Со 7.5 поени од 8 партии, без ниту една изгубена партија и перформанс рејтинг од 2763, Тони успеа зад себе да остави големи имиња на светскиот шах како Sarana Alexey, So Wesley, Praggnanandhaa R и многу други.

По бронзениот медал на Трајко Недев во 1996 година во Ереван, златниот медал на Драгољуб Јаќимовиќ во 2000 година во Истанбул и среброто на Владимир Георгиев од 2004 година во Калвија, ова е четврти пат еден македонски репрезентативец да се закити со медалја на најголемото шаховско натпреварување.

-Честитки за Тони, му посакуваме успех и понатаму, и се надеваме дека наскоро ќе биде следниот наш шаховски Велемајстор. И секако уште еднаш да не ја заборавиме целата екипа и стручниот штаб кои допринесоа за овој успех:
ИМ Атанас Кизов (селектор), ВМ Евгени Романов, ИМ Тони Лазов, ИМ Никола Николовски, ИМ Емил Ристески и ФМ Антон Златков, потенцираа од ШФМ.

Конечниот пласман на машката репрезентација е на 61-вото место во конкуренција на 189 репрезентации.

Женската репрезентација предводена од селекторот Љубиша Андоновски во состав ЖФМ Моника Стојковска, Ивана Манова, Моника Жежовска, Сања Трајковска и Леа Ефтовска исто така храбро се бореше, но неколкуте нерешени исходи со барем „на хартија“ послабите противници оневозможија репрезентацијата да оствари подобар пласман.

Кај девојките посебно за одбележување е настапот на Ивана Манова која со освоените 7 поени од 10 партии на Олимпијадата се стекна со титулата Женски Фиде Мајстор (ЖФМ).