Обид за создавање меѓуетнички тензии и нетрпеливост, а не вистинска помош за бранителите и нивните семејства. Вака премиерот Христијан Мицкоски гледа на потегот на социјалдемократите во Собранието да поднесат предлог-закон за бранителите, а потоа, како што вели, да ја напуштат седницата кога се гласа дневниот ред. Според првиот човек во Владата, ова се прави за да се креира нетрпеливост и ќе биде карта на којашто опозицијата ќе игра во периодот што следи.
Лидерот на социјалдемократите, Венко Филипче негира. Вели дека Законот за бранители има цел да одговори на реалните потреби на луѓето, а не да креира тензии. Филипче е подготвен, како што рече, да разговара за сите аспекти на предлог – решението и демантира дека пратеничката група на СДСМ излегла од салата кога се требало да се гласа дневниот ред.
Се огласија и од Коалицијата ВЛЕН. Велат оти нема да дозволат Собранието да стане арена за манипулации и поделби и во знак на протест ја напуштиле седницата.
„Тука сме за да го браниме правото на албанскиот народ и да бараме сеопфатно решение за сите рани од минатото, вклучително и статусот на поранешните борци на ОВК. Нема да дозволиме ваквите прашања да се користат за прикривање на неуспесите и злосторствата што се направени врз нашиот народ“, порачаа од ВЛЕН.
„Врел костен“
Дел од јавноста оценува дека предлог-законот во земјава создава еден тип на догма. Затоа, вели политичкиот аналитичар Ненад Јовановиќ дека, не само оние кои беа бранители кои својот воен стаж го претворија во професија, туку и голем број бранители својот воен стаж бараат да биде на товар на сите останати граѓани, така што кај нас сега имаме парадокасална ситуациј. Според Јовановиќ, треба да создадеме една посебна каста на луѓе кои треба преку ред да се лечат, да добиваат силни пензии, станови итн.
-Доволно е само да приложат „воен документ“ дека се „воени ветерани и инвалиди“ и протекциите да одат до бесконечно. Сите политички партии имаат своја математика што во конечноста, не верувам дека ќе пресудат ниту во корист на бранителите, а богами ниту во корист на граѓаните кои се тоа на крајот треба да го платат. Овој закон е чиста политика и премногу ентитети имаат корист од „грижата за бранителите“. Албанците имаат свои бранители за нивните каузи, Македонците исто така имаат своите бранители за нивните каузи. Во таквиот однос, нема да најдат никаков заеднички именител ниту за едните, ниту за другите. Законот, како и обично, ќе заврши „заглавен“, поточно ќе се користи само за дневнополитички пресметки, објаснува соговорникот во разговор за „Локално“.
Околу тоа дали во конкретниот случај гледа обид за дестабилизација, како што оценуваат дел од партиите, Јовановиќ не верува во такво нешто, а ако се појави можност, смета дека дестабилизацијата може да изникне само од власта
-Во неа е и „каменот и оревот“, ако ме разбирате што сакам да кажам. Притоа, имаат 2/3 мнозинство во Собрание, така што лично не верувам дека засега може таква влада со така силно мнозинство некој да ја дестабилизира. И ви повторувам, никој не може земјата да ја дестабилизира освен власата заедно со нејзините коалициони сателити и сателитчиња. Апсолутно никој, тврди аналитичарот.
На прашањето зошто по седум години на власт, СДСМ бара помош за бранителите од позиција на опозиција, Јоваоновиќ претпоставува дека партијата на Венко Филипче ја бара својата шанса и својата платформа на која може да гради идни опозициони стратегии.
-Не е никаков проблем што денес бара помош за бранителите од позиција на опозиција. Проблемот е што СДСМ треба да биде свесна дека во „Законот за бранители“ има премногу ентитети кои себе се сметат за автентични бранители и борци за македонскиот суверенитет, како што има бранители и борци кои се сметаат себе за автентични ентитети за албанскиот суверенитет. Само што од 2001 година до денес, земјата е комплетно промененета, наративите од минатото повеќе не работат во денешницата. Со толкави дневни режии и со толкава скапа храна, а со толку мали и мизерни примиња на граѓаните, се плашам дека сите ние во оваа земја сме „воени инвалиди“. Во оваа земја е чиста револуција и само ако се преживее, а камо ли да се исправаат историските прашања од конфликтот и војната од 2001 година, заклучува соговорникот.
За политичкиот аналитичар Берат Азизи, Законот за бранителите како предлог на СДСМ е повеќе направен од политички аспект во времето кога СДСМ е на дното. Посочува дека тие имале време да го стават на дневен ред пред неколку години, но не го направиле.
-Некои прашања ќе останат нерешени како и многу прашања што останале нерешени досега. Законот за бранителите мислам ќе остане заглавен во процедури, почнувајќи од многу аспекти – кого ќе опфаќа, каков ќе биде законот…кого ќе заштити, колку бранители ќе бидат на таа листа, а најкритички мислам ќе биде бројот на тие кои ќе ги доживуваат тие права…, истакнува Азизи.
Тврди дека овде гледа само политички маркетинг на некои партии и која партија ќе се покаже националистичка пред граѓаните и пред своите гласачи.
-Тука се игра на оваа карта и никој не зборува дека многу од тие бранители се веќе вработени во државни институции, имаат бесплатни студии… Такви има и на Тетовскиот Университет, своите најблиски мислам дека ги користа привилегиите од државата. Тука гледам дека според ова, предлогот за законот за браннителите е политички мотивиран од опозицијата која со години никогаш не предложила закон за сите учесниците на конфликтот во 2001. Ако треба да има закон треба да има за сите страни кои беа вмешани во конфликтот во 2001, бидејќи и Охридскиот договор беше потпишан да му стави се крај на конфликтот и страните да се смират, посочува соговорникот.
Според него, СДСМ сака да се покаже дека се грижи за оваа категорија и од друга страна некако да се избегне мислењето на јавноста од работите кои не ги направиле во тие седум години.
-Подобро да предложат Закон за бранители откако да одговараат за неуспесите во економијата и борбата против корупцијата која ја сториле пред седум години. Не излегоа од таа фамозна кампања на тогашната партија на власт, тврди Азизи.
Откако претседателката на Комисијата, Илире Даути, од Алијанса за Албанците, која е дел од коалицијата „Европски фронт“ продводена од ДУИ, минатата недела одби да закаже седница на ова собраниско тело за предлог-законот, тоа не го стори ниту претседателот на Собранието, Африм Гаши, како што налага Деловникот за работа на законодавниот дом.
Гаши истакна дека нема да свика седница на Комисијата, повикувајќи се на истото образложение што во четвртокот го соопштија од Собранието, а тоа е дека седница веќе била свикана.
Во изјавата Гаши цитира делови од членот 126 од Деловникот, кои, пак според неговото толкување му го одземаат правото да интервенира.
Стојанче Ангелов, од партијата „Достоинство“, која е дел од владината коалиција изјави дека не се согласува со ставовите на ВЛЕН.
„Нашиот закон можеше да помине без кревање прашина во јавноста. Начинот на кој се направи целиот овој процес предизвика негативна енергија. Коалицискиот партнер во Владата излезе со соопштенија, јас секако дека не можам со нив да се согласам. Тоа што го зборуваат се глупости. Јас никогаш нема да се согласам-припадник на УЧК да биде изедначен со оние кои се бореа во 2001година“, кажа Ангелов.
Предлогот, преточен во измени на Законот за посебни права на безбедносните сили, ги опфаќа семејствата на загинатите или починати припадници на Армијата и министерството за внатрешни работи (МВР), како и на семејствата на загинатите во хеликоптерската несреќа кај Катлановско Блаце во 2008 година, на загинатите припадници на МВР во авионската несреќа, кога загина и претседатот Трајковски, во хеликоптерската несреќа во Струмица во 2014 година, во Диво Насеље, во 2015 година и на починатите и загинати во вршење на службени должности во периодот од 1991 до 2024 година.
Исто така, воен инвалид од Одбрана или МВР, кој остварил право на паричен надоместок согласно закон, да има право на исплата на надоместок само на разликата до висината сегашниот надоместок. Се бара и еднократното обештетување од 80.000 евра да се исплатува на еднакви делови на членовите на семејството, а доколку родителите се починати, рамномерен дел од надоместокот да добијат браќата, сестрите и другите наследници.
Н.П.