Помина Законот за локална самоуправа со гласовите на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, ВЛЕН и ДУИ

од Nikola Popovski
53 прегледи

Собранието со 83 гласа „за„ и 17 „против“ денеска го усвои Законот за изменување и дополнување на Законот за локалната самоуправа, по скратена постапка.

Законот поминал со гласовите на пратениците од ВМРО ДПМНЕ, ВЛЕН и ДУИ. Измените на Законот за локална самоуправа се донесени со двотретинско мнозинство, а во Собранието ги предложија координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски и пратениците Халил Снопче од Вреди и Бобан Карапејовски од ЗНАМ.

Со законските измени за локалната самоуправа се предвидува вршителот на должност градоначалник во општините, каде што по сила на закон им престанал мандатот на избраните градоначалници да можат да ја извршуваат функцијата до изборот на нов прв човек на локалната самоуправа.

По парламентарните избори и изборот за министри и пратеници, ве-де градоначалници има во Аеродром, Гостивар и во Сарај.  Претходно со 69 гласа „за“ и 17 „против“, измените отидоа по скратена постапка. Измените ќе овозможат да нема предвремени локални избори во трите општини, ако има помалку од 12 месеци, појасни координаторот на ВМРО-ДПМНЕ и еден од тројцата предлагачи.

СДСМ и коалицијата против измените бидејќи, како што велат, неприфатливо е со закон да се скратува правото на глас на граѓаните на непосредни избори. Координаторот на социјалдемократите, Спасовски, вели дека ставот го граделе самостојно и дека во Собранието функционира неформална коалиција ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ за да помине законот.

Блерим Беџети од Европскиот фронт претходно рече дека секој пратеник одлуката ја носи самостојно. Деновиве нивниот партнер „Алијанса за Албанците“, крилото на Села, се изјасни дека е против измени во Законот за локална самоуправа.

Координаторот на пратеничката група на ДУИ Блерим Беџети пред гласањето во име на пратениците од Европскиот фронт ги кажа причините зошто одлучиле да ги поддржат овие законски измени. Беџети, кој од градоначалник на Сарај стана пратеник, посочи дека целта е да не се мачат граѓаните да излегуваат на вонредни избори, како и да се заштедат пари во Буџетот.

-Да не ги малтретираме граѓаните да гласаат, имајќи предвид дека изборите треба да се одржат пред Нова Година и остануваат неполни десет месеци до нивниот мандат, и имајќи предвид дека ние имаме спор на национален аспект околу легитимитетот, уставните измени кои што не се споменуваат никаде. Нормално, и да не трошиме дополнителни средства, тие може да бидат користени за градинки, училишта и многу амандмани кои ги предложивме во ребалансот и во буџетот кој што ќе следи верувам дека тие средства ќе се потрошат за доброто на граѓаните, посочи Беџети.

Слични содржини