Безживотното тело на македонски државјанин било пронајдено минатата недела на гробишта во Бремен, Германија а бидејќи по телото имало убодни рани, било утврдено дека несреќниот маж бил жртва на убиство.
Според информациите на „БИЛД“, усмртен е Имер Д (41), кој и бил од претходно познат на полицијата, бидејќи ја демнел својата поранешна партнерка со која има и малолетно дете.
Посетителите на гробиштата го пронашле неговото тело во локва крв меѓу гробовите и веднаш повикале полиција.
Мажот бил облечен во сиви сомотски панталони, впечатлива црвена јакна и црни влечки.
Наводно, убиениот државјанин на Македонија во последно време спиел на гробишта.
„Тој спиеше под покривот на капелата на гробиштата околу три недели“, рече еден локален жител, додавајќи дека капелата е веднаш спроти гробот на бабата на неговата поранешна сопруга.
Соседите велат дека Имер постојано ја демнел бившата партнерка, која живееле во близина на гробиштата. Тој со боја со спреј ги напишал зборовите „Те сакам“ на тротоарот пред станот во кој живеела со нивната ќерка. Како што пренесуваат тамошните медиуми, неговата поранешна партнерка била Гркинка по потекло.
„Сите овде имаа проблеми со него, никој не го сакаше“, навеле соседите.
Полицијата се уште трага по убиецот на Имер. Ги повикале сите граѓани кои имаат некаква информација за убиениот, или за тоа што се случило на гробиштата во четвртокот да се јават во најблиската полициска станица.