Пратеничката група на Левица информира дека поднела над 2 500 амандмани на контроверзниот Закон за царинска управа, со кој се предвидува освен директорот и заменикот, да има дополнителен втор заменик, сѐ со цел, како што велат, да се подели пленот помеѓу сите владејачки партнери.
-Скандалозно и вон сите етички норми, е тоа што мнозинството измислува функции за кадрите на ЗНАМ, со што се нарушува работата на царинската управа и се удира директно по парите на граѓаните. Клептоманската коалиција во овие први 100 дена од нивното владеење покажа слух само за зголемувањето на привилегиите на своите функционери. Затоа сега имаме ред нови министерства и позиции кои ќе служат за канализирање на државните пари во партиските каси, порачаа од опозициската партија.
Пратеникот и портпарол на Левица, Амар Мециновиќ пред два дена на прес-конференција обвини дека Собранието ќе измислува нова функција само „за да се ухлебат кадрите на ЗНАМ“. Според него, тоа што го ветуваше ВМРО-ДПМНЕ пред да дојде на власт – намалување на државната управа, сега се одвива во друга насока.
-Кога ние предупредувавме дека го зголемувавме државниот апарат со зголемување на бројот на министерства, владеачката коалиција лажеа дека ќе се оптимизираат непотребните места и функции. Тенденцијата на СДСМ и ДУИ продолжува и во овој мандат. Објаснувањето на пратениците на ЗНАМ дека ова нема да има финансиски импликации – не е точно. Крајно време е да прекине злоупотребата на државната управа, кажа Мециновиќ на прес-конференција во Собранието.
Тој обвини и дека секој закон се води преку скратена постапка.