Есмеров за посетата на Орбан: „Преголемата блискост“ би ја опишал како поголема грижа за С.Македонија од една земја-членка на ЕУ, за разлика од останатите држави

од Nikola Popovski
345 прегледи

Ја поздравувам посетата. Не може никако поинаку да се коментира, но како пријателска средба на двајца премиери на две суверени држави, вели во разговор за „Локално“, поранешниот амбасадор во Унгарија и поранешен функционер на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Есмеров за најавената официјална посета на унгарскиот премиер Виктор Орбан на земјава.

Македонија се позајми 500 милиони евра од Унгарија, но и покажува „преголема блискост“ кон Орбан кој не е миленик кај своите колеги „европејци“. На прашањето дали премиерот Христијан Мицкоски „ризикува“, ако земеме во предвид дека Будимпешта и Брисел „баш и не се мирисаат многу“, Есмеров вели дека колку што може да се заклучи од достапните информации, кредитот е земен со поволна каматна стапка, многу поповолна од она што се случуваше со претходната влада и според него, тука нема ништо спорно.

-Тоа што вие го опишувате како „преголема блискост“ јас би го опишал како поголема грижа за Северна Македонија од една земја членка на ЕУ, за разлика од останатите ЕУ држави. Секоја земја членка на ЕУ би можела да понуди кредит под истите или поповолни услови, но ниту една друга ЕУ членка тоа не го направи, истакнува Есмеров.

Потенцира дека Унгарија е суверена држава, членка на ЕУ и НАТО, држава која ги гарантира сите граѓански права и слободи и која ја води влада, која што е избрана на непосредни избори во 4 последователни избори циклуси.

-Тоа се вика демократија, дециден е екс-амбасадорот.

Дел од јавноста смета дека ова однесување наликува можеби на она на српскиот претседател Александар Вучиќ, кој се обидува „да седи на две столчиња“, како што го обвинуваа дел од критичарите во неговата земја, но и од надвор? Околу тоа дали ова значи приближување или оддалечување од евроатлантскиот пат, соговорникот објаснува дека граѓаните и партиите мора да се соочат со реалноста дека после изборите во 2016-та година, С. Македонија мора да се сочи со новата реалност, а таа е ново уставно име и договор со Бугарија.

-Првиот услов е исполнет, а преговорите со ЕУ ќе почнат откако ќе се усвои Францускиот предлог. Од ЕУ патот сме далеку онолку колку што сме далеку од прифаќање на Францускиот предлог, заклучува Есмеров.

Евидентно е дека унгарскиот премер не ужива голема поддршка кај своите колеги од Брисел. Ова оттаму што Орбан редовно ги напаѓа институциите на ЕУ. Во говорите и интервјуата на домашен терен постојано тврди дека ЕУ го загрозува унгарскиот суверенитет. Во последните години Унгарија блокираше повеќе одлуки на останатите членки на ЕУ.

Орбан денеска и утре ќе ја посети Македонија заедно со унгарската владина делегација. Како што соопштија од прес-службата на Владата, Мицкоски во петок во премиерската вила во Охрид ќе оствари официјална средба со својот унгарски колега, а во рамки на посетата ќе има и серија билатерални средби меѓу македонските министри и нивните колеги од унгарската владина делегација.

Во петок во хотелот „Инекс Олгица“ во Охрид ќе се одржи меѓувладина седница, а по средбата се очекува двајцата премиери да одржат прес-конференција на истата локација.

Во Охрид полицијата ги презема неопходните безбедносни мерки, а најавен е и привремен сообраќаен режим за безбедно и непречено движење на делегацијата.

Н.П.

Слични содржини