Доцнењето на повратот на ДДВ кон стопанствениците ги загрижи даночните експерти: Парите на даночните обврзници треба што побрзо да им се вратат за да го подготват производството и извозот

од Milan1
47 прегледи

Даночните експерти го оценуваат како катастрофално и пред се крајно економски нелогично доцнењето на повратот на ДДВ на државата кон бизнис секторот. Анализирајќи ја актуелната состојба во која стопанствениците веќе ги евидентираат последиците од невраќањето по ликвидноста на нивните компании , познавачите на оваа област се категорични дека образложението на Владата дека нема пари не “држи вода’’.

Според даночниот експерт Славко Лазовски, целиот ДДВ е компониран да му служи на бизнисот, особено во делот на повратот.

„Брзото враќање на ДДВ мора да биде потврда за сериозноста во пристапот кон даноците и целокупните јавни финансии. Тоа мора да биде потврда на грижата на даночното тело за своите даночни обврзници, сервисната ориентираност и нивото на техничката подготвеност. ЕУ во своите Годишни извештаи за напредокот на нашата земја, не заборава да спомене, многу години досега, дека задоцнетото враќање на ДДВ значи и непочитување на правата на даночните обврзници’’, вели Лазовски за Локално.

Оттаму, го посочува фактот дека за ДДВ да функционира како „максимално брз елеватор “ кој го полни буџетот, мора и државата да биде брза во враќањето. Во оваа насока Лазовски предупредува и дека бавноста на враќање пари, има негативно влијание врз меѓународната конкуренција на националната економија.

„Ако со својата брзина ДДВ гради одредени предности, глупаво е тие предности да ги поништуваш со својата бавност. Парите на даночните обврзници треба што побрзо да им се вратат за да го подготват производството и извозот.
Националните даночни тела на другите држави тоа го прават со голем респект кон потребите и интересите на даночните обврзници“, вели Лазовски.

Во однос на дилемата како да се надмине проблемот, посочува повеќе начини на доведување на системот на ДДВ да работи со што помал поврат на ДДВ: Враќање на ДДВ без условот од завршена контрола, количникот меѓу основната и бенифицираната стапка да биде што помал, што помал број на добра и услуги по бенифицираната даночна стапка како и што помал број на добра и услуги за кои е исклучено правото на одбивка од претходен данок.

Лазовски има забелешки и во однос на одредени досега превземени мерки во рамките на даночната политика на новата влада, а како најкарактеристична ја посочува најавата за намалување на данокот на добивка на 7% и 5% за големите компании. Според него, секое намалување на даночните стапки е движење кон дното. Ваквата оценка ја образложува со аргументот дека намалувањето на даноците е и намалување на можностите за остварување поголеми доходи кај субјектите на кои им се намалуваат даноците.

„Се забележува дека креаторите на даночната политика го правам полесното, можеби најлесното во областа на даноците, губам јас, губам можности да создадам поголеми заеднички вредности, но уште повеќе губат оние кои ќе дојдат по мене на власт. Тие што ќе дојдат по мене на власт ги ставам пред тешки маки. Лесно е да ги намалуваш, но тешко е да го зголемуваш и при секое намалување, мора да го имаш тоа на ум. На крај сѐ завршува со големи даноци. Морате да имате големи даноци, сурово и непријатно, ама така е“, заклучува Лазовски.

Според Организацијата на работодавачи, во моментов, речиси и нема компанија која не ги чека своите пари од државата. Ефектите се веќе видливи, фирмите доцнат со плаќање на обврските, имаат потешкотии во работењето со обртни средства и набавка на материјали, намален обем на инвестиции и генерално потешкотии со ликвидноста. Не се согласуваат со образложението на Премиерот Христијан Мицкоски според кој вината за застој е во т.н фантом фирми, бидејќи како што велат, тие не само што постојат со години, туку се повторно подржани од лица блиски до институциите кои се задолжени за контрола и прибирање на даночните обврски.

К.В.С

Слични содржини