Австриската крајна десница победи на парламентарните избори, но без поддршка за формирање влада

од Илинка Илиоска
15 прегледи

Десничарската суверенистичка Партија на слободата на Австрија (FPÖ) победи на австриските парламентарни избори, но малку е веројатно дека ќе добие мандат за формирање влада, со оглед на тоа што другите партии одбиваат да влезат во коалиција со неа.

Партија на слободата на Австрија (FPÖ) ја освои наклонетоста на гласачите критикувајќи ги мерките за време на пандемијата на коронавирус, миграциските политики и особено критикувајќи ја воената помош за Украина и санкциите против Русија.

„При формирањето на владата мора да се почитуваат основите на либералната демократија, а тоа се: владеењето на правото, независното судство, човековите и малцинските права, независните медиуми и членството во Европската унија“, изјави австрискиот претседател Александар Ван дер Белен навстувајќи ги најавите дека мандатот за формирање на владата нема вообичаено да го даде на победничката партија, туку на оние сили за кои тој самиот смета дека може да состават влада.

Австрискиот претседател рече дека во следните денови „ќе биде јасно кој со кого ќе работи и што сака за Австрија“. Ван дер Белен, кој го дава мандатот за формирање влада, пред изборите не криеше дека тешко дека ќе им го додели мандатот за формирање влада на суверенистичките „слободарци“.

„Сигурно нема да поддржам партии кои се длабоко антиевропски и кои ја поддржуваат Русија во војната против Украина за формирање на владата“, изјави Ван дер Белен пред неколку дена.

Второпласираната Австриска народна партија (ÖVP), која е на власт заедно со Зелените во последните четири години а претходно беше во владејачка коалиција токму со FPÖ, претрпе голема загуба на гласови во споредба со последните избори, освојувајќи 26,3 отсто или 11,1 отсто помалку од пред четири години.

Со 28,8 отсто од гласовите, според нецелосни резултати по пребројани 97 отсто од гласовите, FPÖ првпат освои најмногу гласови на изборите за Националниот совет (Nationalrat), како што се нарекува австрискиот парламент.

Социјалдемократската партија на Австрија (SPÖ) падна на третото место со 21,1 отсто од гласовите. На четврто место е либералната партија Неос со 9,2 отсто, а на петто е партијата Зелени со 8,3 отсто.

Другите партии, вклучително и Комунистичката партија на Австрија, не успеаја да го поминат изборниот праг од 4 отсто.

FPÖ и ÖVP би можеле повторно да коалицираат, но „народњаиците“ уште во изборната ноќ го повторија ставот дека ќе коалицираат со „слободарците“, но под услов претседателот на оваа партија Херберт Кикл да се откаже од претензиите на канцеларско или министерско место.

„ÖVP нема да им ја ускрати можноста на ‘слободарците’ за разговори, но тоа е можно само без Кикл“, рече генералниот секретар на ÖVP, Кристоф Штокер за јавниот радиодифузен сервис ORF. Тој ги отфрли шпекулациите дека главниот кандидат и претседател на Народната партија, Карл Нехамер, би можел да поднесе оставка за да може ÖVP да влезе како помал партнер во коалицијата со либералите.

Во текот на вечерта, аналитичарите оценија дека „слободарците“ нема да се согласат со оваа опција, со оглед на тоа што Кикл го врати FPÖ на политичката мапа на Австрија по кризата во која западна партијата по корупцискиот Сандал Ибица.

Кикл постојано се залагаше за канцеларската позиција за време на изборната кампања во случај FPÖ да освојат најмногу гласови во парламентот.

„Подготвени сме да преземеме одговорност и да им подадеме рака на сите партии“, изјави Кикл по објавувањето на изборните резултати.

Кикл, кој го наследи Хајнц-Кристијан Штрахе како претседател на партијата, кој ја напушти политиката поради корупцискиот скандал во Ибица, е познат како радикален политичар близок до унгарскиот националистички премиер Виктор Орбан.

Можна е и коалиција на народњаците од ÖVP и социјалдеморкатите од SPÖ, која би имала тесно мнозинство во парламентот, но аналитичарите во предвечерието на изборите како и во изборната ноќ ја потенцираа можноста партијата Неос да влезе во владата, што ќе обезбеди стабилно мнозинство.

Во предизборната кампања доминираа темите за внатрешна безбедност и илегалната миграција, којашто, и покрај фактот што владата на ÖVP на канцеларот Карл Нехамер ја заостри политиката за имиграција последните години, се смета за домен на либералите.

Слични содржини