Со директна интервенција на ДУИ во измените на Кривичниот законик, на Никола Груевски, поранешниот премиер и омилен политичар на Али Ахмети, му застаре уште една затворска казна, велат од ВЛЕН додавајќи дека „ова е уште една шајка во ковчегот на неправдата која Ахмети ја инсталираше со својот режим.“
Од коалицијата истакнуваат дека ова е само најнов пример на контрола на правосудството од страна на ДУИ. „Ова фијаско на фаулираниот правен систем е уште една потврда за вирусот на Ахмети инсталиран во правосудството со години, каде што нивните моќници изградија заштитен ѕид околу себе, спасувајќи се меѓусебно од правосудна одговорност“, наведуваат тие.
ВЛЕН потсетува дека ова не е прв пат ДУИ да интервенира за да ги спаси своите сојузници од затвор, посочувајќи на случајот со Сашо Мијалков. „Претходно, истата игра ја одиграа и за архитектот на маките на Албанците, поранешниот директор на УБК, Сашо Мијалков“, се наведува во соопштението.
Од коалицијата нагласуваат дека ДУИ две децении ги манипулира граѓаните, ветувајќи реформи и европски интеграции, но всушност е „убиецот на секоја надеж за правда и подобра иднина“. „Сите знаат за притисокот на Артан Груби врз претседателката на Врховниот суд за оживување на аболициите на Ѓорге Иванов, наводно за да изврши притисок врз ВМРО-ДПМНЕ за усвојување на уставните измени“, посочуваат од ВЛЕН.
„Време е граѓаните да разберат: ДУИ никогаш не била за реформи и европски интеграции, туку за заштита на своите криминални кланови,“ потенцираат од коалицијата и ги повикуваат „сите совесни граѓани да се приклучат на борбата за почесна и транспарентна иднина“.