Русија нападна 11 региони на Украина со проектили и беспилотни летала, соопшти денеска украинското воздухопловство.
Тоа е 33-та последователна ноќ како Русија ја напаѓа Украина од воздух.
Во текот на ноќта во Киев се слушнале неколку експлозии, а противвоздушната одбрана била активна во тој град повеќе од пет часа.
Нема информации за жртви, но се соопштува дека е запален „критичен инфраструктурен објект“ во регионот на Миколаев.
Русија интензивно користи беспилотни летала „Шахед“ за напад. Само во септември лансираше повеќе од 1.300 од овие беспилотни летала, што е најголем број напади со беспилотни летала во еден месец од почетокот на војната.
Украина, исто така, разви нова генерација на беспилотни летала за напади дури и далеку во Русија. Повеќе од 100 украински беспилотни летала беа соборени вчера над Русија, соопштија руските власти.
Рускиот претседател Владимир Путин денеска објави видео по повод втората годишнина од анексијата на четири украински територии и повторно го обвини Западот дека ја претвори Украина во „воена база насочена против Русија“.
Русија ги анектира регионите Доњецк, Луганск, Керсон и Запорожје по референдумот одржан во 2022 година, кој Западот го смета за нелегитимен. Русија, исто така, го анектира Крим во 2014 година.