Снопче: Без УЧК нема Закон за бранители, СДСМ долева масло на огнот

од Nikola Popovski
32 прегледи

Координаторот на пратеничката група на коалицијата „ВЛЕН“, Халил Снопче излезе со поддршка на пратеничката на „Европскиот фронт“, Илире Даути, на денешната седница на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, на која имаше обид да се стави на дневен ред т.н. Закон за бранители.

Снопче побара пауза и одложување на оваа седница за да не влезе на дневен ред предлог-законот.

Предлогот на овој закон тој го нарече провокација на СДСМ и рече дека истиот не може да се донесе без да се вклучат поранешните војници на УЧК. Според него, најголемата опозициска партија само „долева масло на огнот“, пренесуваат дел од медиумите на албански јазик во земјава.

„Нема да биде решен проблемот со Предлог законот за посебни права на бранителите“, изјави пред неколку дена претседателот на законодавниот дом Африм Гаши. Топката ја префрли токму на Даути. Според Гаши, таа поради политички убедувања не ја ставила точката на дневниот ред на седницата на Комисијата за социјални политики со која претседава. Собранискиот спикер оценува дека работел според Деловникот и дека во моментот одземено му е правото да интервенира.

Лидерот и пратеник на СДСМ Венко Филипче, вели дека се исцрпуваат сите ресурси Законот за бранителите да се најде на собраниска комисија, но не размислуваат за барање за разрешување на Даути. Вицепремиерот Изет Меџити отворено коментираше дека Законот нема да помине во Собранието.

На Комисијата за деловнички прашања ќе се носат заклучоци за коализија на одредени членови од Деловникот. Гаши сè уште не одлучил дали на дневен ред ќе биде и барањето на социјалдемократите да се разгледува дали со незакажување на комисиска седница наместо Даути, тој го прекршува Деловникот.

Слични содржини