Левица ја обвини ВМРО-ДПМНЕ дека „шверцерски протна“ две нови висококатници во Аеродром

од Nikola Popovski
54 прегледи

Левица денеска обвини дека на последната седница на Советот на Општина Аеродром градоначалникот Дејан Митевски, по веќе востановената пракса на неговиот претходник Тимчо Муцунски, шверцерски протнал изградба на две нови висококатници во Аеродром.

Според партијата, на само пет минути пред почетокот на седницата на дневен ред беа додадени ДУП И-09 и ДУП И–12 со кои е предвидена изградба на две нови станбени чудовишта, од 12 по ката, на потегот на булеварот Трета Македонска Бригада, кај населбата наречена „Табак Сити“.

-Овие бетонски ѕидови ќе го спречат струењето на воздухот, што дополнително ќе го зголеми веќе алармантното загадување.

ДУП-от И-09 и ДУП-от И-12 кои беа подметнати пред почетокот на седницата, не оставија простор истите да бидат разгледани од страна на советниците во општина Аеродром. Меѓу другото, Општината Аеродром успеала во рекорден рок само за еден ден да добие одобрување од Министерството за транспорт и врски, што највероватно е најбрзо одобреното барање во историјата на државата, наведуваат од Левица.

Од партијата на Димитар Апасиев тврдат дека ВМРО-ДПМНЕ ќе направи сѐ за да ги задоволи апетитите на градежната мафија, не покажувајќи ни најмала грижа за здравјето и иднината на своите сограѓани.

-Кога Левица ќе дојде на власт ќе стави крај на сите штетни ДУП-ови, ќе ја запре неконтролираната бетонизација која се случува во Аеродром и ќе создаде услови за нормален и квалитетен живот за жителите од општината, порачаа од Левица.

Слични содржини