100 дена Влада – протестите на ДУИ како можност за ослободување од режимот на ДПМНЕ, ВЛЕН и ЗНАМ

од Vladimir Zorba
95 прегледи

Македонија пропаѓа со оваа власт. И помалку е важно кој и како, на кои начини ќе го започне процесот на ослободување на државата и народот од јаремот на овој режим – единствено ограничување, се разбира, е тоа да биде на демократски начин, преку нови слободни и фер избори (какви што не беа оние на 8 Мај, пред се заради институционалните манипулации со гласачката волја на народот и заробените медиуми). И навистина не е толку важно кој и како ќе ја започне борбата за слобода и демократија, посебно што таа борба ќе биде многу тешка и мачна, во тоа нека не се сомнева никој. Сите релевантни индикатори и факти сугерираат дека основа на овој режим е одржување на самиот режим, партизација на државната и јавна администрација со 78 проценти зголемени плати за истите, и целосно окупирање на јавно-медиумскиот дискурс. Технологијата на владеење на режимот, кои инаку е историски познат од авторитарните, диктаторски режими, перманентно се усовршува сама по себе во својот деформитет заради иманентната алчност за повеќе и повеќе власт.

Во пресрет на таа насушна потреба на народот за ослободување од режимот, сите оние кои не се директни контрактори со режимот и не се дел од профитерските шеми, мора да бидат подложени на масовно и континуирано вистинито информирање. Соочувањето со свирепите факти за пропаѓање на државата по сите основи и позиции на политиката, етапно ќе доведе до критичко размислување и демаскирање на манипулациите и лагите на силната агитпроп машинерија на власта, лагите кои секојдневно ги дифузираат во јавноста и сите други ефтини пропагандистички фолирања. Македонија и секој од нас што живее овде – за првпат откако е конституирана независната држава – ќе се соочува (всушност, веќе се соочува) со полната сила на деструкцијата и Арентовското непосредно доживување на лицето на злото прикажано во реалноста. Нема ниту приближно некаков пример за споредба во однос на тоа со што се соочуваме денес. Сите споредби со 2015 година се погрешни и апсурдни – тоа владеење беше детска играчка во споредба со ова сега! Пежоративно кажано, ако некои мислеа дека тоа беше режим, се лаже – допрва ќе види што е режим! Мицковистичко Дпмне целосно се разликува од тоа Вмро-Дпмне тогаш, во сите аспекти на своето функционирање, и како партија и како власт. Иако повеќето ликови во раководството на таа партија и владата се истите, никако не треба да се заборави круцијалниот факт што објаснува многу работи – дека во таа партија постои принципот на тотална верност кон „лидерот“, беспоговорна послушност кон неговите „политики“, и тоа на ниво што не е присутно дури ниту во војничката хиерархија и субординација. Таму, што ќе каже лидерот – тоа е политиката на партијата и сите од прв до последен ја спроведуваат на дело, колку и да е таа штетна за народот и државата. Звучи чудно за 21 век, но така е, фактите и емпиријата недвосмислено го докажуваат тоа. Оттаму, со овој нивен лидер кои за жал е и премиер на државата, Македонскиот народ и сите што живеат овде се сооочуваат со нешто невидено, нова ситуација, за која 2015 е Дизниленд! Патем кажано, тука е и одговорот зошто некои луѓе, меѓу кои и јас, иако поддржувавме некои добри проекти на владата во годините до 2015 – како Скопје 2014 (без сомнителните тендери за изградба, се разбира), слободните индустриски зони, паричната помош за многудетни семејства и сл., денес сме критичари на мицковистичко дпмне – просто кажано, тоа Вмро-Дпмне беше суштинска, и идеолошка и секаква друга спротивност со ова денешно Дпмне на Мицкоски, Тимчо, некојси Сајкоски и другите околу нив.

Во пронаоѓањето на се повеќе луѓе кои ќе се освестат за сите политички лаги и деструктивни политики на режимот за овие 100 дена, не смее и не треба да има никакви предрасуди или некакви ривалитети – прво да се ослободиме од режимот, па потоа се друго. Создавањето на таков масивен народен фронт против режимот може да започне деновиве, бидејќи се појавува првата шанса за предизвикување на предвремени избори. Имено, без оглед на тоа дека некои политички идеи и ставови на ДУИ се неприфатливи, во моментов единствено тие превземаат сериозна и осмислена кампања за пад на режимот, и затоа нема дилема дека сите треба да им се придружат во активностите односно демократскте протести кои деновиве ќе започнат, барем според најавите.

Се чини дека ДУИ веќе дознаа дека направија две големи грешки во изминатите 100 дена и ги научија лекциите. Првата е дека секој облик на колаборационизам со режимот – како на пример гласањето за зголемување на бројот на министерства и измените на законот за локална самоуправа – само го зацврстува режимот, и ништо друго. Втората е дека идејата за „принципот победник со победник за формирање влада“ не може да се реализира со мицковистичко Дпмне, бидејќи тие имаат долгогодишна соработка со Влен и којзнае какви политички и други договори. Ако во ДУИ конечно ја научиле и лекцијата дека мора долгорочно да се воспостават фер односи во коалиција, и дека падот на претходната власт во голема мерка беше предизвикана од нивното многу често ирационално и провокативно делување, се отвора можноста за создавање на нов почеток на соработка со СДСМ и сите други партии и групи кои исто како тие дознале дека со овој режим сите страдаме, без оглед на националноста и религијата. Оттаму, нивната битка не може да биде битка само против Влен – па, Влен и мицковистичко Дпмне се практично едно, тие се толку цврсто поврзани и знаат дека ако едниот од нив не е таму во влада, и другиот нема да биде. Опортунизмот и лукративните, материјалистички интереси на режимот очигледно се толку силни, што ништо нема да ги натера оние од Влен да излезат од власта и да бидат заменети со нив.

Затоа ДУИ мора конечно да сфатат дека се борат првенствено против мицковистичко Дпмне и кексите и млекото на нивната богата трпеза на власта, која нема лесно да ја напуштат. Познавајќи ги ДУИ и нивната политичка решителност, не верувам дека ќе престанат со демократските протести за реализација на нивните познати барања кои всушност нема да може да се случат без оставка на владата и нови парламентарни избори. И ете ја првата долгоочекувана шанса (долги 100 дена), можност за демократско соборување на режимот која мора да се искористи. Со мало проширување на барањата на ДУИ и обичен повик да им се придружи кој сака, нема сомнеж дека брзо и лесно може природно да се создаде силна народна коалиција против режимот и да се предизвика формирање на техничка влада по што би следеле предвремени избори.

Во алузија на Черчил, протестите на ДУИ не се крајот на борбата против режимот но сигурно можат да бидат почеток на крајот на режимот на мицковистичко Дпмне, Влен и Знам.

Д-р Тони Науновски

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини