Стармер најави дека ќе сврти нова страница во односите со ЕУ

од Vladimir Zorba
31 прегледи

Британскиот премиер Кир Стармер најави дека ќе сврти нова страница во односите меѓу Велика Британија и Европската унија, и покрај разликите со Брисел во однос на предлогот за европската шема за мобилност на младите.

Како што пренесе „Гардијан“, Стармер рекол дека „сигурно ќе има предизвици“ при ресетирање на односите со ЕУ, но и дека „ќе се сврти нова страница на стариот начин на водење на овие преговори“, во насока на „поконструктивен“ пристап.

Ова го изјави за време на неговото патување во Брисел, каде во средата ја имаше првата билатерална средба со претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен.

Во Брисел имаше фрустрација поради претходното одложување на состанокот, како и очигледната непопустливост на лабуристичката влада во врска со договорот за мобилност на младите во ЕУ.

Земјите од ЕУ сакаат да посредуваат во постигнување договор младите од земјите членки да можат одреден период да живеат и работат во Велика Британија и обратно.

Британските министри се загрижени дека тоа може да се сфати како враќање на слободата на движење во ЕУ, додека Стармер им рече на новинарите дека неговата позиција не е променета и дека „слободното движење е црвена линија“.

Стармер и фон дер Лајен разговараа и за настаните на Блискиот Исток, оценувајќи дека нападот на Иран врз Израел со наведувани проектили, кој се случи во вторникот вечерта, е „невиден“.

Повеќето од ракетите беа пресретнати од израелските сили, со поддршка на сојузниците, вклучувајќи ги Велика Британија и Соединетите Американски Држави.

Стармер и фон дер Лајен оценија дека деескалацијата во тој регион е „од најголема важност“ и повикаа на итен прекин на конфликтот во Либан и Газа.

Слични содржини