Три медицински лица од Прилеп загинаа во тешката сообраќајка кај с. Лагово

од Nikola Popovski
84 прегледи

Јавноста се уште е силно потресена од големата трагедија во која загинаа двајца лекари специјалисти и радиолошка техничарка. Тие изутрината не стигнаа на работните места во битолската болница „Плодност“.

Сообраќајната несреќа се случи петнаесетина минути пред осум часот на магистралниот пат Прилеп-Битола на излезот од градот кај селото Лагово при директен судир на патничкото возило тојота во кое биле медицинските лица и товарен камион со скопски регистарски таблички. Од силината на ударот избил пожар кој два часа го гаснеа пет возила и 12 пожарникари.

Загинаа д-р Александар Ристески, врвниот македонски радиолог, спец. гинеколог д-р Никола Василески и радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, кои доаѓале на своите работни места од Прилеп.

Менаџерскиот тим и целиот персонал на Болница Плодност со неверување во текот на денот ја примија веста и со длабока тага им изразуваат почит на прерано загинатите колеги.

„Изразуваме длабоко сочувство до семејства на нашите колеги, за прераната загуба на нивните членови на семејствата. Секој од нив имаше свое посебно место во нашата болница и во нашите срца. Прим. д-р Александар Ристески беше врвен бренд во македонската радиологија, но и во светски рамки. Неговата десна рака и соработник, радиолошкиот технолог Фанче Јованоска, беше неизоставен дел од Одделот за рентген дијагностика. Спец. гинеколог д-р Никола Василески долги години беше дел од гинеколошкиот тим на доктори во нашата болница. На достоен начин, Болница Плодност секогаш ќе ги памети нивните дела, но и нивните насмевки, топли зборови и секогаш отворени срца за пациентите и за колегите. Нивниот придонес ќе биде вечно запаметен и врежан во историјата на македонската медицина, но најмногу во аналите на историјата на Болница Плодност“, рече прим. д-р Таше Трпчевски, менаџер и сопственик на Болница Плодност.

Глетката при несреќата и за екипата на Итната медицинска помош била грозоморна.

Сè уште не се познати причините за несреќата. Јавниот обвинител нареди обдукција како и испитување примероци од крв и урина од возачот на камионот кој се здоби со повреди и беше префрлен во прилепската болница. Наредено е и сообраќајно-техничко вештачење за утврдување на причините.

Слични содржини