Кон крајот на минатиот месец се појави веста дека најсилните европски лиги се договориле летниот фудбалски пазар да биде скратен, а попладнево мадридскa „Марка“ излезе со ексклузивна информација дека ФИФА воведе нов преоден рок.
Познатиот новинар, Хозе Феликс Дијаз објаби дека новиот трансфер период ќе трае од 1 до 10 јуни и дека сите сојузи и федерации кои сакаат ќе можат да го искористат за своите натпревари, но главната причина за неговото воведување е Светското клупско првенство и овозможување на учесниците на истото дополнително да се засилат пред почетокот на тоа натпреварување.
Исто така, пишува новинарот на Марка, идејата е да се обезбеди правно покритие за продолжување на договорите кои евентуално би истекле среде турнирот. Во превод, да спречат одредени фудбалери да станат слободни на 1 јули, десет дена пред крајот на турнирот.
Останува нејасно дали овој преоден рок би бил активен само еднаш на секои четири години, кога на програмата е Светското клупско првенство на ФИФА или секое лето.
За потсетување, првото Светско клупско првенство со 32 клуба е закажано од 15 јуни до 13 јули 2025 година во Соединетите Американски Држави.