Тренерот на Фиорентина: Де Хеа е чудовиште

од Vladimir Zorba
34 прегледи

Фиорентина во седмото коло од Серија А на домашен терен го победи Милан со 2:1. Стрелци за тимот од Фиренца беа Јакине Адли во 35. минута и Алберт Гудмундсон во 73. минута, а за гостите Кристијан Пулишиќ во 60. минута. Натпреварот го одбележаа дури три промашени удари од белата точка.

Голманот на Милан, Мајк Маињан му го одбрани пеналот на Мојс Кин во 22. минута, додека Шпанецот Давид де Хеа ги запре Тео Ернандез во судиското надополнување во првото полувреме, како и ударот на Тами Абрахам во 56. минута. Де Хеа на тој начин стана херој на натпреварот.

Доби пофалби и од тренерот на Фиорентина, Рафаеле Паладино.

„Верувајте ми, тој сè уште е чудовиште. Тој е врвен голман, светска класа. Можеме да видиме дека е вистински шампион. Треба да му се заблагодаруваме секој ден, тој е одличен голман и вистински модел”, изјави Паладино за 33-годишниот Де Хеа, за кого ова беше шести настап за Фиорентина оваа сезона. Прими девет гола, а на еден меч ја сочува мрежата.

Да потсетиме, Де Хеа беше без клуб од летото 2023 година, кога му истече договорот со Манчестер Јунајтед. Тој беше поврзуван со бројни клубови, а најспоменувана дестинација беше Саудиска Арабија. Сепак, тој на крајот и се приклучи на Фиорентина, која минатата сезона заврши на осмата позиција во Серија А, додека моментално се наоѓа на 11-то место со десет бодови.

Де Хеа помина 12 години во Манчестер Јунајтед, каде пристигна во 2011 година како 21-годишен играч од Атлетико Мадрид за сума од 25 милиони евра. Ја освои Премиер лигата (2012/13), ФА Купот (2015/16) и Лига Европа (2016/17), а со гигантот од „Олд Трафорд“ освои вкупно осум трофеи. Два пати беше прогласуван за најдобар голман во Премиер лигата (2018 и 2023 година).

Пазарната вредност на Де Хеа според Transfermarkt денес е пет милиони евра. Еден од најдобрите голмани на генерацијата и еден од најдобрите во историјата на Премиер лигата, на врвот на кариерата вредеше 70 милиони евра.

Слични содржини