Бугарскатата новинска агенција БГНЕС објави дека целото семејство на мминистерка за енергетика Сања Божиновска имаат бугарско државјанство. Според тамошниот медиум, „таткото Перо, мајката Виолета и братот Даниел, како и самата Божиновска се носители на бугарски пасош“.
-За да го добијат документот, тие ги докажале своите бугарски корени и ја декларирале својата бугарска самосвест. Поднесувањето барање за ослободување од бугарско државјанство не води до автоматско завршување на постапката, стои во текстот на БГНЕС.
Според „експерти од Министерството за правда во Софија“ на кои се повикува БГНЕС, постапката за откажување од бугарско државјанство не завршува со поднесувањето барање. Оттаму потсетуваат дека добивањето бугарско државјанство се заснова на доставени документи за бугарско потекло и лична пријава за присуство на бугарска самосвест кај кандидатот, пишува бугарскиот медиум.
Понатаму во текстот се додава дека „за конкретното лице (министерката Божиновска) до денес не е издаден указ за ослободување од државјанство.
Откако беше прозвана за нејзиното бугарско државјанство, министерката вчера на социјалните мрежи објави дека „е родена во Скопје, Македонка сум и секогаш ќе бидам Македонка“. Додаде дека „сите други зајадливи коментари, чудни прашања и погрешно толкувани одговори ќе ги разберам и прифатам како цена на моето скромно и мало политичко искуство“.
Во својата објава на Фејсбук истакна дека не се вратила дома за да се меша во политички игри, туку за да го вложи знаењето и искуството во енергетиката како специфична и тешка проблематика.
-Повторувањето на овие напади одговара на луѓе на кои им пречи активното занимавање на Владата со проблемите во областа која јас ја раководам. Им одговара заборав на се што направиле и слепило од државата за се што сакаат да направат. Затоа повторувам, Македонка сум и не дозволувам тоа да ми биде спорено. Покрај македонското државјанство поседувам и чешко државјанство затоа што живеев и работев долги години во Чешка. Тоа е точната и прецизна вистина, наведува меѓу другото Божиновска.
Пред три дена Божиновска рече дека поседува македонско и чешко државјанство откако беше прашана од новинар дали се уште поседува бугарско државјанство. Таа притоа го праша новинарот „дали (таквото прашање) е релевантно за отчетот за енергетика“ за изминатите 100 дена од Владата.
Беше запрашана и дали може да стави на увид на јавноста документ од бугарските власти со кој се потврдува дека е прифатено нејзиното барање за отпуст, односно дека веќе не е бугарска државјанка.
-Ќе проверам со адвокатите и ќе ве известам, одговори министерката.
Во месец јули годинава, Божиновска изјави:
-Јас веќе ја информирав јавноста дека пасошот со кој располагав е со истечен рок на важност, а од моја страна никогаш не беше поднесено барање за негово продолжување. Ова говори повеќе од јасно за мојата одлучност да се откажам од бугарското државјанство, кое, како што посочив претходно, го поседував исклучиво заради моите деловни активности на територијата на ЕУ. Имајќи го сето ова предвид, јас навистина не би можела да наведам во биографијата дека поседувам бугарско државјанство и пасош, објасни министерката.