ВМРО-Народна: Зошто Владата не го праша Вучевиќ за одземеното оружје од страна на ЈНА?

од Nikola Popovski
1,7K прегледи

ВМРО-Народна реагира зошто на средбата меѓу премиерот Христијан Мицкоски и неговиот српски колега Милош Вучевиќ, кој вчера беше во официјална посета на земјава, не било поставено прашањето за одземеното оружје од страна на југословенската армија кое се наоѓаше на македонска територија.

Од партијата на Љубчо Георгиевски велат дека биле во очекување и голема надеж дека, како што се наведува во соопштението, новата Влада на ВМРО-ДПМНЕ која демонстрира достоинствена политика на исправен ‘рбет и одбрана на македонските државни интереси, ќе го постави ова прашање на средбата со српскиот премиер.

„Да ја потсетиме македонската помлада јавност дека при напуштањето на југословенската армија беше одземено оружје во вредност од една милијарда долари во тоа време, кое денеска сигурно би чинело неколку милијарди долари плус.

На тоа сакаме да го додадеме и заедничкиот капитал што требаше да биде поделен, а произлегуваше од недвижностите кои Југославија ги поседуваше во и надвор од земјата исто така и капиталот на македонските градежни фирми кои под закрила на српските компании тогаш работеа и градеа низ Ирак, Либија, Кувајт а притоа останаа во рацете на српските фирми“, велат од ВМРО-Народна партија.

Оттаму велат дека не можат да го разберат премолчувањето на вакви крупни финансиски интереси на Македонија и предлагаат македонскиот парламенет со декларација да го прости тој долг на Србија, оти не гледаат надеж дека оваа Влада некогаш би го поставила ова прашање.

Двајцата премиери вчера потпишаа Меморандум за соработка за економска и енергетска интеграција. Гасоводот со должина од 70-ина километри, чија изградба би било добро да се заврши до 2027 година, би пренесувал околу 45 милијарди кубни гас.

-Ќе придонесе до енергетска независност на регионот, согласни се двајцата премиери.

Се разговарало и за повторно организирање на меѓувладина конференција во Ниш.

Слични содржини