Митева и Љатифи Азизи избрани за портпаролки на Владата

од Nikola Popovski
77 прегледи

Денеска се одржа 25тата владина седница на која се избраа портпароли на Владата на Република Северна Македонија. За портпарол на Владата е избрана Марија Митева.

-М-р Марија Митева по професија е дипломиран правник на Универзитетот Св. Кирил и Методиј – правен факултет Јустинијан I, со магистратура по деловно право и положен правосуден испит.

На професионален план, Марија поседува богато работно искуство во правната и политичката сфера, со повеќе од 10 години прогресивно работно искуство. Нејзината професионална историја вклучува позиции како советник за правни работи во Владата, како и советник за нормативни работи во Град Скопје. Во изминативе години активно се занимава со политика, што резултираше со нејзин избор за пратеник во Собранието каде беше вклучена во креирањето и разгледувањето на значајни закони и политички одлуки кои влијаат на иднината на државата.

Во делот на неформалното образование, Марија има бројни доедукации, како што се обуки кои вклучуваат проектно планирање за ЕУ проекти, управување со квалитетот во јавните институции, родова еднаквост и медиумска писменост. Во 2022 година, Марија беше дел од програмата на Американски совет на млади политички лидери (ACYPL) организирана од Амбасадата на Соединетите Американски Држави, каде го збогати своето знаење во рамки на меѓународната политика. Исто така, таа од 2021 година е алумни и на Шведскиот институт преку успешно завршен модул на Академијата за млади професионалци на тема – миграција и интеграција во Западен Балкан. Во 2019 година учествуваше во обуки за вклучување на напредни методологии за креирање јавни политики водени од податоци организирана од Меѓународниот републикански институт (IRI), како и обука за управување со квалитет во јавни институции и работеше на зајакнување на отпорноста против дезинформации организирана од Националниот демократски институт (NDI). Како член на работната група за родова еднаквост во рамки на проектот Жените водат (NDI) таа придонесе за промовирање на инклузивно управување и ангажман во политиката.

Митева е постојано ангажирана во политички дебати и форуми, со цел истражување иновативни решенија за клучните општествени проблеми, а нејзината посветеност кон континуираното учење и следење на политичките трендови е од огромно значење за нејзиното ефективно управување и служење на граѓаните, особено во областите на политиката и општествените науки, овозможувајќи подобро разбирање и пристап кон општествено одговорните прашања. Не ретко ги истакнува вредностите како интегритет и професионализам, кои ги смета за клучни во секојдневното работење и социјалниот ангажман. Со силна принципиелност, чесност и чувство за праведност, таа е целосно посветена на политиката и нејзино подобрување, информираат од Владата.

За портпаролка на Владата е назначена и Венера Љатифи Азизи.

-Венера Љатифи Азизи е поранешна уредничка и новинарка во Радио Слободна Европа во Прага, уредничка во новинската агенција МИА, уредничка и водителка во Алсат М Телевизија, уредничка во весникот КОХА, А1 Телевизија, и други медиуми во земјата. Актуелно вработена во кабинетот на градоначалникот на Општина Чаир како одговорно лице за односи со јавноста и за поддршка на градоначалникот. Дипломиран политиколог во Универзитетот на Југоисточна Европа. Актуелно магистрант по дипломатија и меѓународни односи на тема „Улогата на дипломатските претставништва и евроатланските интеграции на Северна Македонија”. Мажена, мајка на две деца, соопштуваат од Владата.

Наум Стоилковски е именуван за Советник за комуникации и односи со јавност задолжен за координација на портпароли.

-Стоилковски е дипломиран новинар на Правниот факултет „Јустинијан Први” при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје.

Стоилковски има повеќедецениска долга и плодна медиумска и новинарска кариера во домашни и странски медиуми, каде што професионално се надоградува и извршува повеќе функции во медиумската сфера.

Во неговата кариера работел во пишани медиуми, дневни весници, неделници, работел како ТВ новинар, уредник на вести, продусер, уредник и водител на ТВ и радио емисии, како и на современите интернет медиумски содржини. Оженет, татко на две деца, стои во соопштението од прес-службата на Владата.

Слични содржини