На натпреварот против Шкотска, Лука Модриќ го забележа 181-от настап за хрватската репрезентација, со што се проби на второто место на вечната листа на европски играчи со најмногу натпревари за националниот тим.
Пред Модриќ е само неговиот поранешен соиграч од Реал Мадрид, Кристијано Роналдо, кој со 214 натпревари за Португалија е неприкосновен во оваа статистика.
Хрватскиот капитен со својот настап против Шкотска, во победата од 2:1 на својата селекција, претекна уште еден поранешен соиграч, Серхио Рамос, кој одигра 180 натпревари за Шпанија.
Кога станува збор за светската ранг-листа, Модриќ е на осмото место, а Роналдо ја држи првата позиција и на оваа листа. Зад португалската ѕвезда е репрезентативецот на Кувајт Бадер Ал Мутава со 196 настапи, додека трет е Малезиецот Сох Чин со 195 меча.
Модриќ дебитираше за „ватрените“ на 1 март 2006 година на пријателски натпревар против Аргентина на „Сент Јакоб Парк“ во Базел, како дел од подготовките за Светското првенство во Германија.
Оттогаш играше во дресот на репрезентацијата на четири Светски првенства (2006, 2014, 2018, 2022) и на пет ЕП (2008, 2012, 2016, 2020, 2024).
Има и три медали од големите натпреварувања со репрезентацијата, и тоа сребро од Светското првенство во 2018 година, бронза од планетарното првенство во 2022 година и сребро во Лигата на нации во 2023 година.