Столе Попов добитник на почесна режисерка награда во Србија

од Nikola Popovski
19 прегледи

Режисерот Столе Попов е годинешен лауреат на почесната награда „Живојин Жика Павловиќ“ за промоција на балканската кинематографија во светот. Оваа престижна награда ќе му биде врачена на годишното доделување на наградите за режисер на 17 октомври во Нови Сад.

По повод оваа награда, на 16 октомври во 20:30 часот во киното „Арена Синеплекс“ во Нови Сад ќе биде организирана проекција на неговиот филм „Џипси Меџик“.

Досегашни лауреати на ова признание се: Горан Марковиќ, Слободан Шијан, Емир Кустурица, Раде Шербеџија, Предраг Мики Манојловиќ, Лазар Ристовски, Драган Николиќ, Велимир Бата Живојиновиќ, Славко Штимац, Богдан Диклиќ, Горан Паскаљевиќ, Милчо Манчевски и Миша Радивојевиќ.

Столе Попов е роден во 1950 година во Скопје. Дипломирал филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Белград во 1973 година во класата на професорот Радош Новаковиќ. Од 1978 до 1988 година работи како филмски режисер во „Вардар филм“, а од 1985 до 1986 година бил директор на оваа продуцентска куќа. Моментално е професор по филмска режија на Факултетот за драмски уметности во Скопје и раководител на Студиото за филмска режија. Тој е еден од основачите на првата македонска приватна продукциска куќа „Триангл“ во 1988 година. Член е на Европската филмска академија од 1997 година.

Кариерата ја започнал со режија на документарни филмови, а прв долгометражен филм му е „Црвен коњ“ од 1980 година. Најпознати играни филмови што ги режираше се „Тетовирање“, „До балчак“ и „Џипси меџик“. Тој ги напиша и сценаријата за повеќето негови дела што ги режираше.

Слични содржини