Мицкоски тврди дека не се политизира АНБ: Грешката се исправи и Христовски доби безбедносен сертификат

од Nikola Popovski
163 прегледи

Премиерот Христијан Мицкоски тврди дека не се политизира Агенцијата за национална безбедност. Не гледа проблем во назначувањето на Бојан Христовски за нов директор.

Им порача на новинарите: „тие што ве брифираат, треба правилно да ве брифираат“.

-Јас ќе ви помогнам. Кога се трансформираше УБК во АНБ и се правеше селекција, имаше поранешни високи структури во АР, УБК и АНБ кои што ги профилираа луѓето и врз основа на тоа гледаа како да им наштетат преку лажни вести, клеветнички дописи, злоупотребувајќи ги институциите во кои што работат. Нормално откако таа неправда му беше нанасена на Христовски и не му беше даден безбедносниот сертификат, беше констатирана злоупотребата на дел од раководството на АР, за што јавноста многу набрзо ќе биде запознаена. Таа грешка се исправи, Христовски доби безбедносен сертификат и не гледам причина зошто човекот кој што го поминува речиси цeлиот работен век во безбедносниот сектор, да не ја извршува успешно челната позиција во АНБ. Има доста уплашени структури и има за што да се плашат, а се дел од поранешната власт. Во периодот што следи ќе ја дознаете вистината, кажа Мицкоски при посетата на општина Брвеница.

Премиерот истакна и дека вчера на владина седница е разрешен досегашниот директор на АНБ, Зарко Милошевски.

Христовски е поранешен припадник на УБК кој по формирањето на новата АНБ не беше вработен во Агенцијата откако не му беше издаден безбедносен сертификат. Образложението за одземање на сертификатот беше учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. И Христовски и неговиот татко ги негираа обвинувањата и тврдеа дека се измислици на поранешната власт за да го елиминираат од службата.

Христовски потоа поднесе тужба за одземањето на сертификатот, а Управниот суд донесе одлука дека му е одземен незаконски и тој повторно го доби, по што доби со друга судска одлука е вратен на работа во МВР.

Слични содржини