Иако неговиот договор со Манчестер Сити истекува дури во 2027 година, норвешкиот репрезентативец Ерлинг Халанд веќе е на листата на желби на Барселона и Реал Мадрид.
Како што пренесуваат медиумите во Шпанија и Германија, немало официјални контакти, но каталонскиот гигант е првиот кој сака во своите редови да го доведе еден од најдобрите напаѓачи на денешницата.
Тоа всушност е голем сон на претседателот на клубот Жоан Лапорта, кој ќе се обиде да го оствари во следните неколку години, но нема да биде лесна задача со оглед на сите финансиски проблеми што ги има клубот од „Ноу Камп“.
Медиумите пишуваат дека на Реал Мадрид би му било полесно да ангажира играч кој сезонава веќе има постигнато 10 гола за шампионот на Англија, но тоа не значи дека работата е завршена.
Се наведува и дека како дете Норвежанецот редовно доаѓал во Марбела на одмор со семејството и дека уште од детството сакал да игра во Ла лига, што е главниот адут за шпанските гиганти во целата оваа приказна.