Рафаел Варан ги изненади сите со тоа што на почетокот на есента реши да стави крај на својата професионална кариера, а сега пристигна нова изненадувачка информација – стана член на управата на Комо.
Од италијанскиот клуб објаснија дека поранешниот француски репрезентативец со своето искуство може да му помогне на клубот уште повеќе да „порасне“.
„Комо со задоволство го објави назначувањето на Рафаел Варан за член на одборот. Тој неодамна се повлече од професионалниот фудбал и ќе донесе искуство и лидерство во оваа нова улога, означувајќи го следното поглавје од неговата кариера надвор од теренот. Неговата работа во менаџментот ќе има корист не само за играчите, туку и за пошироката заедница преку едукативни иницијативи. Со интегрирање на академската, лидерската и професионалната обука во младинските програми, Варан има за цел да им помогне на младите спортисти да се подготват за живот надвор од фудбалот“, се вели во соопштението на клубот.
Варан (31) летото потпиша договор за Комо, но неодамна објави крај на кариерата поради повреда, бидејќи не одигра ниту една минута за клубот од Серија А.
Во својата богата играчка кариера, Варан настапуваше за Ленс, Реал и Манчестер Јунајтед. Со Реал освои четири Лиги на шампиони, четири титули на Светското клупско првенство, три титули во шпанскиот шампионат и еден Куп на кралот. Со Манчестер Јунајтед го освои ФА Купот.
Варан беше долгогодишен француски репрезентативец со кој беше светски шампион во 2018 година. Помеѓу 2012 и 2023 година 93 пати го носеше дресот на „Галските петли“ и постигна пет гола.