Трамп нарече судија „еден од најзлобните луѓе“ поради откривањето на контроверзните документи пред изборите

од Vladimir Zorba
50 прегледи

Американскиот републикански претседателски кандидат Доналд Трамп ја обвини судијката Тања Чуткан дека е „еден од најзлобните луѓе“ за објавувањето на повеќе од 1.800 страници докази во случајот за изборна измама што го води специјалниот обвинител Џек Смит.

Републиканскиот кандидат за Белата куќа рече дека одбивањето на неговото барање да се одложи објавувањето на новите докази до по претседателските избори во ноември е „изборно мешање“, пренесе Би-Би-Си.

Сепак, во својата проценка, Чуткан нагласи дека токму задржувањето на тие документи може да се сфати како мешање во изборите.

„Доколку судот сакаше да ги скрие информациите што јавноста има право да ги знае, исклучиво поради потенцијалните политички последици од нивното објавување, тоа самото задржување може да претставува или да дејствува како мешање во изборите“, напиша таа.

Документите повторуваат информации кои се веќе јавно достапни, вклучително и делови од биографијата на поранешниот американски потпретседател Мајк Пенс и неговата официјална изјава дека нема да ги поништи резултатите од изборите во 2020 година.

Сепак, тие содржеа и детали за влошените односи меѓу Трамп и Пенс, при што поранешниот потпретседател му порачал на Трамп да престане да повторува лажни теории за изборна измама.

Во интервју за политичкиот поткаст „ПБД“ во петокот, Трамп остро ја критикуваше Чуткан и го нарече Смит „болно кученце“.

Во обвинението, кое се однесува на немирите во Капитол на 6 јануари 2021 година, Трамп е обвинет за заговор за да го поништи поразот што го претрпе на изборите од неговиот тогашен противкандидат и актуелниот американски претседател, Џо Бајден.

Претходно оваа година, Врховниот суд пресуди дека Трамп не може да биде кривично гонет за службени дејствија што ги извршил како претседател.

Поради ова, Смит бил принуден да го смени обвинението, па изјавил дека Трамп прекршоците ги направил додека бил на функција, но – во својство на граѓанин.

Слични содржини