Модриќ собори уште еден рекорд

од Vladimir Zorba
20 прегледи

Лука Модриќ собори уште еден рекорд. На вчерашниот меч со Селта, Хрватот го подобри рекордот на легендата Ференц Пушкаш од пред 58 години како најстар играч кој настапувал за Реал (Мадрид).

Во мај 1966 година, Пушкаш играше во четвртфиналето на Копа дел Реј против Бетис на 39 години и 37 дена, а синоќа Модриќ забележа меч на 39 години и 40 дена. Хрватот влезе како замена, а асистираше за победничкиот гол на Винисиус три минути по влегувањето.

„Кога противникот израмни, замените му даваа сила на нашиот тим. Лука секогаш му помага на тимот. Тој има неверојатна класа и е многу важен за нас. Освен што е фантастичен фудбалер, тој е и неверојатен професионалец. Благослов е за Реал (Мадрид) да го има во своите редови“, го пофали тренерот, Карло Анчелоти.

За Модриќ мечот со Селта беше под бр.547 за Реал, што го однесе на второто место во рангирањето на странци со најмногу натпревари за „лос бланкос“. Тој го надмина Бразилецот Марсело, кој со „белиот“ дрес има одиграно 546 натпревари. Лидер е францускиот напаѓач Карим Бензема, кој за Реал има 648 натпревари.

Модриќ е и рекордер на Реал за најмногу освоени трофеи (27), вклучувајќи шест европски и четири во Ла Лига и два во Кралскиот куп.

Слични содржини