Филипче: Со погрешни политики, владата на ВМРО ДПМНЕ донесе огромна социјална несигурност

од Nikola Popovski
15 прегледи

Наместо поголем економскиот раст и поголеми плати, владата на ВМРО-ДПМНЕ донесе социјална несигурност за граѓаните и за државата, рече претседателот на СДСМ, Венко Филипче на денешната прес конференција во Собранието каде што најави дека СДСМ ќе поднесе законски измени за поголема минимална плата.

Погрешните политики на ДПМНЕ ги потврдува и последниот полугодишен извештај на Светска Банка, според кој 2024 година ќе ја завршиме со економски раст од само 1,8 проценти, што е под очекуваните 2,5 проценти, а во следните две години ќе имаме најниска стапка на раст во регионот.

-Неспорен е фактот дека откако ДПМНЕ е на власт, просечната плата е намалена за 1.000 денари, мерките за намалување на цените се покажаа неуспешни, а за сметка на тоа, трошоците за живот постојано растат. Исто така, Владата не презема никакви конкретни мерки за покачување на платите што укажува на нивните погрешни економски политики кои ги спроведуваат, рече Филипче.

Тој потенцираше и дека според податоците, потрошувачката кошничка во септември 2024 година достигна 61.306 денари, цените на основните прехранбени производи растат, а куповната моќ на граѓаните значително е намалена.
-Сериозен проблем за македонската економија е и повратот на ДДВ, а долгот на УЈП кон компаниите е од 250 до 300 милиони денари, што не се случило во последните седум години. ВМРО-ДПМНЕ ја враќа економијата во ерата на селективно плаќање и исплаќање на ДДВ, што беше пракса до 2016 година. Со вакво менаџирање на Владата не создаваат подобри услови за стопанството и раст на економијата, туку само зголемување на трошоците за живот, потенцираше лидерот на СДСМ.

За потсетување, во период од седум години, додека СДСМ беше на власт, просечната месечна нето-плата од 22.460 денари, во мај 2024 година, достигна 41.252 денари. Минималната плата пак, се зголеми од 8.000 денари на 22.567 денари.

СДСМ, предлага измени и дополнувања на Законот за минимална плата, каде минималната плата треба да се покачи на 27.700 денари, што претставува пораст од 12,3%. Со Законот се предвидува и методологијата за усогласување на минималната плата со порастот на трошоците за живот да остане, со што ќе се обезбеди сигурен и постојан раст на приходите на граѓаните во иднина.

Слични содржини