Антикорупциска отвора предмет за именувањето на Христовски за нов директор на АНБ

од Nikola Popovski
14 прегледи

Непосредно по именувањето на Бојан Христовски за директор на Агенцијата за национална безбедност (АНБ), до Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) стигнала анонимна претставка во која се оспорува законитоста на неговото именување. Претседателката на комисијата, Татјана Димитровска информира дека претставката се однесува на наводи за незаконско именување и оформен е предмет.

Се посочува дека по обезбедени докази и изготвена документација, комисијата ќе донесе соодветна одлука за којашто ќе биде информирана и јавноста.

Христовски во неделата информира дека ги поседувал сите безбедносни сертфикати, до сертификатот „Државна тајна“ до 2019 година. Во емисијата „Код“, тој посочи дека во тоа време поради политичка хајка не му бил продолжен новиот безбедносен сертификат.

-По моето повторно вработување во МВР во 2023 година, аплицирав за безбедносен сертфикат од степен „строго доверливо“ и за експресно брзо време го добив. Со моето доаѓање во АНБ, веднаш отпочнав постапка за побарување и добивање на највисокиот степен на квалификација „Државна тајна“, согласно потребите на работното место. Безбедосната проверка за директорската позиција беше извршена за време на моето работење во МВР, кажа Христовски.

По целосната партизација од страна на СДСМ на безбедносните служби, следи нивна професионализација, став на владејачката ВМРО-ДПМНЕ. Според партијата изминативе седум години во клучните служби кои се од суштинска важност за безбедноста на државата на раководни места биле назначувани партиски послушници.

Христовски е поранешен припадник на Управата за безбедност и контраразузнавање, кој по формирањето на АНБ не беше вработен во Агенцијата бидејќи не му беше издаден безбедносен сертификат. Образложението за одземање на сертификатот е учество на неговиот татко во протестите против Преспанскиот договор и сомнежи за руско влијание. И Христовски и неговиот татко ги негираа обвинувањата и тврдеа дека се измислици на поранешната власт за да го елиминираат од службата.

Тој потоа поднесе тужба поради одземањето на сертификатот. Управниот суд донесе одлука дека му е одземен незаконски и тој повторно го доби назад, по што со друга судска одлука беше вратен на работа во МВР.

Во Законот за АНБ постојат прецизни одредби под кои околности може предвреме да престане мандатот на директорот на АНБ и поради што може да биде разрешен од функцијата.

Слични содржини