СДСМ остро реагира на последните одлуки за помилување од страна на претседателката Силјановска Давкова, кои сериозно ја загрозуваат безбедноста на граѓаните. Помилувани се лица од нарко-кланот „Барон“, вклучувајќи го и ослободениот нарко-бос, кој јавно ѝ се заблагодари на претседателката.
Ова сценарио, според СДСМ, изгледа како однапред договорен план меѓу власта и криминалните структури, за што прашуваат: колкава е цената и кој ги добил парите? Силјановска Давкова се заплетка со својата изјава, а Гордан Калајџиев потврди дека одговорноста за помилувањето лежи кај претседателката.
-Дополнително, СДСМ го повикува министерот Филков, кој досега молчи, да ја објасни својата улога во скандалот. СДСМ предупредува дека правичноста која ја ветуваа ВМРО-ДПМНЕ и Силјановска се однесува само на нарко-картелите и лицата од подземјето. Граѓаните денес живеат во страв за својата безбедност, додека криминалците се ослободуваат и шетаат по улиците, стои во партиското соопштение.
Сиљановска вчера порача дека видела дека „личностите се навистина интересни во негативна смисла на зборот“, но ги потпишала одлуките за помилување.
-Кога ја формирав комисијата, знаев дека таа е составена од врвни познавачи од оваа област и реков дека ќе ја почитувам нивната работа. Кога се даваат коментари, се заборава на што. Вие го анализирате делото, а јас не ги знам имињата, но кога ги потпишав одлуките се водев од тоа дека во првиот случај пресудата е една година и три месеци и се однесува на неовластено поседување на оружје. Кај вториот случај се работи со дело врзано со насилство, тепачка на некоја наплатна станица. Се замениле овие казни со условна од три години. Личностите се интересни во негативна смисла на зборот, но тие (од комисијата) се воделе од конкретните дела, одговори претседателката.