Преселба на мигранти во други земји – експеримент со човечки судбини

Причини за миграција на луѓе има неколку, а според мене главна причина е сиромаштијата. Но бидејќи европските земји не даваат азил на економски мигранти, тие се претставуваат како прогонети од политички причини.

од Vladimir Zorba
131 прегледи

Денес пишувам за мигрантите иако оваа тема е далеку од мојата струка (машински инженер, професор), но детално ги следам климатските промени и последиците од нив. Повод за ова е префрлувањето на мигранти од Италија во Албанија во специјално изградени монтажни кампови каде што мигрантите ќе чекаат на постапка за азил. Овој зафат е целосно финансиран од италијанската влада.

Причини за миграција на луѓе има неколку, а според мене главна причина е сиромаштијата. Но бидејќи европските земји не даваат азил на економски мигранти, тие се претставуваат како прогонети од политички причини.

Во минатото, империјалистичките земји (колонизатори) ги исцрпуваа сиромашните земји (особено во Африка) со експлоатација на разни суровини со што го зголемуваа своето богатство. Факт е дека емисиите на стакленички гасови се директно поврзани со почетокот на индустриската револуција (19 век), а тоа е почетната фаза на капитализмот. Колку што растеше индустрискиот развој понатаму, толку растеа и емисиите на стакленички гасови, а со тоа и поизразени климатски промени. Тие предизвикуваат екстремни временски услови со катастрофи како што се суши и поплави, а тоа се причини за помали приноси во земјоделството до степен на негово уништување. Познато е дека најголемиот број од населението во сиромашните земји живее од земјоделството и денес голем број луѓе немаат услови за основна егзистенција. Тоа е главна причина излезот да се бара во миграција во побогатите земји.

Во текот на патувањето до некоја европска земја мигрантите се изложуваат на големи тешкотии и ризици, дури и по живот. Нивните маки почнуваат од дома со разделување од семејството, само некој член од нив го напуштаат домот. Последните пари што ги имаат ги даваат на криумчари на мигранти, со гумени чамци и мали бротчиња пловат по мориња кон бреговите на Европскиот континент. Голем број од нив потонуваат, а бројот на жртви е многу голем. Ако има деца, тие први страдаат. Мигрантите што ќе стигнат на бреговите на Европа не се добродојдени и ако не бидат прифатени од хуманитарни организации, се третираат на нехуман начин. Оние мигранти што ќе стигнат на брегот се “среќни“ и веднаш замислуваат нов пристоен живот. Затоа, поднесуваат барање за азил, но колку од нив ќе го добијат? За најголемиот број од нив маките продолжуваат. Изложени се на разни понижувања и неизвесност.

Ние во Рапублика Македонија (РМ) сме сведоци на поминување на голем број мигранти од многу земји од Азија и од Африка бидејќи една од главните рути поминува низ нашата земја. Најчесто мигрантите ризикуваат со импровизирани бротчиња од Турција да стигнат до некој од грчките острови, па од таму на континенталниот дел на Грција, потоа низ Македонија и Србија (не ЕУ земји) и наидуваат на бодликави жици за да влезат во ЕУ земји? Не ми е јасно зошто мигрантите не поминуваат директно од Турција во Бугарија каде што има копнена врска и плус е ЕУ членка? Се прашуваат ли ЕУ бирократите зошто? Што им прават на мигрантите во Бугарија (ги тепаат ли, им земаат ли многу пари или …) ?

Во ЕУ на големо се дискутира за проблемот со мигрантите и има многу кампањи како да го одбијат нивното доаѓање. Тие најчесто потекнуваат од Азија и Африка, имаат различни животни навики и религии со што се создаваат и конфликтни ситуации. Владата на Италија постигна договор со Албанија да постави миграциски центри во таа земја, во кои ќе бидат сместувани мигранти префрлени од Италија кои чекаат постапка за азил. Во тие центри ќе важи италијанското законодавство, ќе има италијански персонал: полицајци и службеници од надлежни министерствта. Во нив ќе се применуваат правилата кои се применуваат и во центрите за мигранти во Италија. Според прикажаните снимки на кампот оградата е висока 6 метри, а мигрантите таму се „како птици во кафез“, или нешто како во затвор. Во врска со италијанскиот модел настана поделба меѓу ЕУ земјите, но поголемиот број земји го одобруваат. Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен моделот го нарекува „иновативен начин за борба против илегалната миграција“. Јас ова би го нарекол експеримент со човечки судбини.

Вината за климатските промени е кај индустриски развиените земји. На пример, годишните емисии на СО2 по жител изнесуваат 14 тони во САД, а 0,9 тони во Пакистан. Од друга страна, најголемото уништување на земјоделството е кај сиромашните земји. Развиените земји можат барем малку да ги намалат гревовите што ги направија (и сеуште ги прават) на начин да ги елиминираат или ублажат причините за миграција, а тоа е континуирана материјална и техничка помош на тие сиромашни земји додека не се создадат елементарни услови за живот во тие земји, па на тој начин да се спречи миграцијата. Потребен е сосема поинаков приод за решавање на миграцијата од сиромашните кон побогатите земји.

Д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје

Ставовите искажани во рубриката „Колумни“ се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на „Локално“. Одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Слични содржини