Германскиот министер за економија Роберт Хабек предложи да се формира инвестициски фонд за кој вели дека може да ја поттикне распаднатата домашна економија, пишува dpa.
„Ако ги охрабри компаниите да инвестираат повеќе, тоа ќе даде силен поттик на економијата“, рече Хабек вчера во Берлин. Според неговиот предлог, на компаниите ќе им се вратат 10 отсто од инвестицијата, или преку отпис на даноците или директно враќање на средствата.
Владата очигледно ќе го финансира идниот фонд преку ново задолжување, иако Хабек избегнуваше да го употреби токму тој збор. „Фондот мора да се пополни однапред. Не гледам друга реална политичка опција“, тврди тој.
Тој оцени дека формирањето фонд за поттикнување инвестиции не е во спротивност со таканаречената кочница на јавното задолжување, вградена во германскиот устав, ниту пак бара негово олабавување.
Хабек „намерно“ не ја објави проценката на вредноста на фондот. Тој, сепак, укажа на пресметката на Здружението на германската индустрија, која изнесува цифра од неколку стотици милијарди евра.
„Значи, ние зборуваме за многу пари, но пари што ќе се распределуваат во текот на многу години“, рече тој. „Мислам дека првото прашање не треба да биде дали ќе бидат 200, 300 или 400 милијарди, туку дали сакаме да започнеме нешто?“