„Се потврди уште една информација за која СДСМ денови наназад ја информираше јавноста: поставувањето на Бојан Христовски за директор на АНБ не само што е груба партизација, туку е и целосно незаконска постапка“, соопштија од СДСМ утрово.
„СДСМ со денови предупредуваше, а денес се потврди дека сертификатот за англиски јазик на Христовски е лажен и дека центарот во Пловдив – Бугарија каде што тој тврди дека го добил, не постои. Покрај сертификатот, СДСМ тврди дека Христовски нема ниту безбедносни сертификати ниту доволно работно искуство на раководни позиции, што е предуслов за назначување на позицијата директор.
Сите овие законски прекршувања кои ги прави Мицкоски со назначувањето на целосно некомпетентен човек, без соодветни квалификации, ја потврдуваат тезата за опасна партизација на АНБ. Од овие причини, потребно е итно повлекување на Бојан Христовски и започнување истрага за овој упад во АНБ кој го наметнува Мицкоски.
Го повикуваме ДКСК итно и во најкус рок да се изјасни и да ги потврди наодите на бугарските медиуми, први објавени од СДСМ. Христовски не смее да остане на чело на АНБ, и бараме достоинствено да се повлече“, додаваат оттаму.